ВМРО-ДПМНЕ: Невини луѓе политички се држат во притвор

ВМРО-ДПМНЕ: Невини луѓе политички се држат во притвор

„Невини луѓе, без никаква правна основа, политички се држат во притвор во Истражниот затвор Скопје. Правосудните органи ја развлекуваат процедурата поврзана со одлучувањето по жалбите, иако станува збор за итни предмети. Ваквото однесување е уште едно недозволиво кршење на правата на притворените.

Судот мора да биде заштитник на законитоста и гарант за правична постапка. Оваа обврска на судот не смее да биде погазена од судиите, без разлика со каков притисок се соочуваат. Судот не смее да биде соучесник во конструираниот прогон за тероризам на десетици македонски патриоти.

Апелациониот суд има шанса да застане во одбрана на демократијата и правната држава и да стави крај на конструираниот случај против десетици патриоти за настаните од 27 април минатата година во Собранието.

Судот пред себе има доволно факти кои укажуваат дека станува збор за конструиран случај. Судот има на увид документи кои упатуваат на кршење на правата на граѓаните во текот на целата постапка, од чинот на апсење до истражниот затвор во кој се сместени.

Народниот правобранител јасно предочи дека полицијата извршила прекршување на законот при апсењето, со што директно изршила кривично дело од чл.140 од КЗ. Непочитувајќи ги имунитетот на пратениците, но и презумпцијата на невиност.

Судот не смее да го занемари извештајот на Народниот правобранител. Судот не смее да ги занемари аргументите и да остане соучесник во конструираниот случај.

Конструираните случаи не смеат да станат наше секојдневие. Институциите не смеат да се злоупотребуваат за фабрикување на политички постапки и политички прогон. Гушењето на демократијата и притварањето на оние кои имале храброст гласно да говорат против актуелните политики не е одлика на демократска власт.

Државата има потреба од силни и независни институции, заштитник на граѓаните и нивните права. Демократијата и правната држава се право на граѓаните и тоа не смее да им биде скратено. Во интерес на нашите Евроатлански аспирации е судот и сите останати институции да работат исклучиво во интерес на граѓаните и согласно законот, Уставот и мегународните договори ратификувани соглласно истиот“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Треба да знаете
Последни објави