Приведени и протерани танчерки од Албанија и Србија
При акциска контрола на СВР Тетово за откривање лица со илегален престој и работа во три угостителски објекти во тетовско Горно Седларце и гостиварски Равен се приведени две албански државјанки и една српска, кои ќе бидат депортирани, а на четири државјанки од Албанија им е изречена глоба од 400 евра и се протерани од државава.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека при контролата во угостителскиот објект во Горно Седларце тетовско, сопственост на Б.Л. (48) од Тетово, покрај две албански државјанки кои што го злоупотребиле туристичкит престој во земјава затекнати се и пет македонски државјанки. Сите биле танчерки во угостителскиот објект. Двете албански државјанки се приведени во Полициската станица Тетово, и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок и ќе бидат депортирани во нивната матична земја.
Во угостителски објект во Тетово во сопственост на Б.М.(36), затекнати се пет лица, од кои четири државјанки на Албанија и една македонска државјанка. Против странските државјанки се поднесени барања за прекршочна постапка, при што од страна на Основен суд им е изречена глоба во износ од по 400 евра и мерка протерување од Република Македонија со забрана за влез од една година.
Во контролата, пак, во угостителски објект во Равен сопственост на Ј.А., затекнати се две странски државјанки, една од Албанија и една од Србија, и пет македонски државјанки. Странските државјанки се приведени во Полициска станица Гостивар, поради непријавен престој и злоупотреба на туристички престој во РМ и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок и ќе бидат депортирани во нивните матични држави, информираат од МВР.