Изгласана амнестијата, повеќе од 800 затвореници излегуваат на слобода

Изгласана амнестијата, повеќе од 800 затвореници излегуваат на слобода

Пратениците го изгласаа Законот за амнестија, кој како предлог го доставија од Министерството за правда. Со овој закон, иако првичните проценки беа дека на слобода ќе излезат околу 670 затвореници, последните неофицијални пресметки направени од Управата за извршување на санкции се дека ќе бидат ослободени 815 затвореници.

Овој податок го кажа директорот на Управата, Јовица Стојановиќ, на бирифингот со новинарите пред околу еден и пол месец во Министерството за правда.

Станува бор за лица кои се осудени на затворска казна до шест месеци. Покрај нивното излегување на слобода, за 30 отсто ќе им се намалат и затворските казни на повеќе од 3.000 осуденици.

Со амнестијата, како што предвидува законот, се опфатени дела кои се сторени до 20 септември 2017 година. Со овој закон, како што беше напоменато неколкупати досега, не се опфатени оние кои се осудени на доживотен затвор, педофилите, осудените за убиство, сторителите на кривични дела против државата, против човечноста и меѓународното право, против изборите и гласањето.

Со носењето на овој закон, оваа амнестија ќе биде петта по ред во Република Македонија. Претходно такво нешто имаше во 1991, 1999, 2002 и во 2003 година.

При предлагањето на Законот за амнестија, надлежните посочија дека целта им е да се зајакне рехабилитативниот концепт и помагањето на процесот на реинтеграција на осудените лица, како и растоварување на гужвите во затворите како една од мерките кон подобрување на лошите затворски услови.

Условите во затворите во Македонија се актуелни веќе неколку години, за нив алармираа и дел од институциите, како и самите затвореници кои во неколку наврати и штрајкуваа. Од состојбата во овие установи изрази згрозеност и премиерот Зоран Заев кој беше во посета на Идризово заедно со претставници од Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Сериозни забелешки во оваа насока беа дадени и во последниот годишен извештај на омбудсманот кој констатираше дека во затворите има сериозни појави на корупција, нехумани и деградирачки услови за живот на затворениците. Тавани кои прокапуваат, ѕидови со мувла и скршени прозорци, тоалет во кој се чува прибор за јадење, немање доволно кревети, беа само дел од состојбите во различни одделенија од затворите кои ги презентираше Народниот правобранител.

 

Треба да знаете
Последни објави