Македонија-Германија вечерва во 18:15 часот
Македонската ракометна репрезентација против актуелниот европски шампион Германија вечерва (18,15 часот) во Загреб, во „Арена“ ќе го одигра последниот меч од првата фаза на шампионатот во Хрватска. Во вториот меч од групата Ц во 20,30 часот се среќаваат Црна Гора и Словенија во директен дуел за патник во втората рунда од шампионатот.
Двете селекции по првите две кола го обезбедија своето учество во втората фаза од натпреварувањето, така што денешниот меѓусебен дуел ќе претставува директна борба за пласман на првата позиција во групата, односно борба за што повеќе пренесени бодови во втората фаза во Вараждин. Моментно, Македонија е првопласирана во групата, со максимални, четири бода, пред Германија која има три бода (една победа на Црна Гора и еден нерешен резулат со Словенија), следи Словенија со едно реми и еден пораз и последна е Црна Гора без триумф.
– Можеме до прво место и ќе играме за прво место. Не доаѓа во предвид да го пропуштам натпреварот. Замислете да одиме понатаму со 4 бода и потоа три дена на одмор! – вели средниот бек Филип Миркуловски.
Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров за денешниот меч со Германците вели дека се свесни против кого играат и многу би сакал да се повтори резултатот со нив од пред шест години во Ниш.
– Што се однесува до самиот меч со Германците, имаме нерешено од Ниш пред 6 години, тоа е позитивен резултат… Потпишуваме веднаш за нерешено против нив – изјави Лазаров.
Во пресрет на натпреварот вели дека Германците се можеби најдобра репрезентација на ова ЕП, но дека воопшто не треба да се плашиме од нив.
– Знаеме со кој играме, Германија е европски шампион, можеби и најквалитетната и најдобра по ростер репрезентација во овој момент на ЕП. Меѓутоа ни дава за право да се надеваме, гледајќи го мечот вчера со Словенија и она што се случуваше, дека може да се игра и против една таква Германија и воопшто не треба да се плашиме од името на противникот, туку напротив да ја играме нашата игра. Остануваат повеќе од 24 часа за да одмориме и мислам дека имаме многу што да покажеме. Вчера победивме меѓутоа имаше мало незадоволство кај нас поради некои сегменти од играта и сметам дека мораме подобро против Германија.
Македонија со победите над Словенија и Црна Гора има загарантирани два бода кои ќе ги пренесе во Вараждин, а на нив ќе се додадат и евентуалните бодови од средбата со Германија.
На Германците од друга страна, им зависи и исходот од втората средба во групата помеѓу Словенија и Црна Гора, со тоа што тие ја совладаа Црна Гора, но одиграа само нерешено со Словенија.
По завршувањето на денешното последно коло од групите Ц и Д, Македонија, Германија и Шпанија ќе се приклучат на Главната Група 2 во Вараждин.
Влез меѓу 12-те најдобри ќе обезбедат уште победникот од мечот Словенија – Црна Гора, како и две од трите екипи од Д групата (Данска, Чешка и Унгарија) кои во последното коло ќе го одлучат конечниот пласман.