Црни прогнози на германските научници: Не чекаат библиски поплави, а овие земји први ќе бидат на удар

Научниците на германскиот Потсдамски институт за изучување на климатските промени објавиле предупредување дека поплавите во наредните 25 години ќе бидат се почести и се покатастрофални.

Потсдамскиот институт предупредува дека на удар на поплавите ќе се најдат дури и пустините. 

Истражувачите наведуваат дека од тие речиси “библиски поплави” најмногу ќе страдаат жителите на Азија, САД и Централна Европа.

Бројот на поплави и нивната моќ ќе се зголемува, што веќе полека и се случува, поради се попогубниот ефект на “стаклена градина”, глобалното затоплување, забрзаното топење на ледниците и растот на нивото на морињата и океаните.

“Температурите на Земјината површина се повеќе се ќе зголемуваат во наредните 20-30 години. Тоа ќе ги услови промените во структурата на врнежите и се поголемиот ризик од поплави во целиот свет” , категорични се германските научници.

Според нивните истражувања и проценки, “специјална заштита” од поплавите ќе биде потребна на големите територии во САД, во Централна Европа, североисточна и западна Африка, како и во големи делови на Индија и Индонезија.

Германските научници објавиле 10 хидролошки и пет глобални климатски модели за блиската иднина.

Тие пресметале дека до 2040-тите години поплавите ќе погодат најмалку 156 милиони жители на Азија, 12 милиони во Јужна Америка и 35 милиони во Африка. Во Европа во најголема опасност ќе бидат Германија, Полска, Шведска и другите држави околу Балтичкото море.

Потсдамскиот институт проценува дека апокалипса може да се избегне, но дека веќе сега мора да се преземат мерките утврдени по Парискиот климатски договор.

Треба да знаете
Последни објави