Амбасадата на САД во Скопје соопшти дека нејзиниот сервис за пасоши и визи, како и за итни случаи за американските граѓани, ќе продолжи да работи и покрај затворањето на американската влада.
„Закажаните сервиси за пасоши и визи и сервисите за итни случаи за граѓаните на САД ќе продолжат во амбасадата за време на затворањето на владата на САД. Нема да го обновуваме овој профил редовно, освен во итни случаи“, соопшти Амбасадата на САД на својот официјален „Твитер“ профил.
Делумно затварање на американските федерални служби стапи на сила на полноќ, по неуспешниот обид републиканците и демократите во Сенатот да постигнат компромис за буџетот. Ноќеска, сенаторите не го изгласаа законот да го продолжат финансирањето на владата до 16 февруари. За да помине законот беа потребни 60 гласа од вкупно 100, но само 50 го поддржаа.
Појавата на финансиска блокада е невообичаена но се случувала и порано. Од 1981 година имало 12 вакви случаи, а блокадите варирале по должина на траењето.