Македонија го одработи последниот тренинг пред мечот со Шпанија
Македонските ракометари попладнево за прв пат одработеа тренинг во арената во Вараждин, каде од утре ги продолжуваат своите настапи на Европското првенство во Хрватска.
Откако изминатите два тренинга црвено-жолтите ги одработеа во други сали, конечно денеска избраниците на Раул Гонзалез, сработеа едночасовен тренинг во вараждинската сала.
Гонзалес и неговиот асистент Парондо ги има на располагање сите ракометари, односно комплетниот состав го одработи предвиденото.
– Веќе два дена се подготвуваме за Шпанија, имаме добри видео анализи, разработуваме тактика и една по една ги составуваме коцките. Шпанија е многу силна и опасна репрезентација. Верувам дека полека доаѓаме до фаза во која можеме да кажеме дека сме спремни за нив, изјави Жарко Пешевски, кој заедно со Стојанче Стоилов и Никола Маркоски ќе водат голема битка на линијата од шест метри со шпанските ракометари.
Вечерва следува уште видео анализата пред утрешниот дуел со Шпанија кој ќе се игра во вечерниот термин од 20 часот и 30 минути.