Турција е земја со најмногу бегалци во светот
Комисијата за човекови права во турскиот Парламент во својот извештај наведува дека во земјата живеат 4,3 милиони бегалци, пишува весникот „Хуриет“.
Според документот, само 600.000 од нив имаат дозвола за престој. Од останатите бегалци 3,4 милиони доаѓаат од Сирија, а 300.000 се од Ирак, Авганистан, Иран, Сомалија и други држави.
„Хуриет“ наведува дека тоа е најголем број бегалци во една земја во светот и го надминува населението на третиот по големина турски округ Измир, веднаш по Истанбул и Анкара, со 4,223 милиони жители според статистичките податоци од 2016 година.
Членот на парламентарната Комисија за човекови права, Атај Услу изјави за весникот дека треба да се разработи политика за интегрирање на тие луѓе.
Во март 2016 година ЕУ и Турција постигнаа договор, според кој сите илегални мигранти, кои пристигнале во Грција од Турција, треба да се вратат назад. Тогаш Брисел и вети на Турција шест милијарди евра, визна либерализација до летото 2016 година и отворање на ново поглавје во преговорите за членство на Турција во Унијата како замена за спречување на приливот на бегалци и мигранти кон Европа. Оттогаш односите меѓу Анкара и Брисел се влошија. На 13 јануари турскиот министер за европски прашања Јомер Челик изјави дека Турција не треба да се користи како бегалски камп. Турција настојува ЕУ да го исполни ветувањето за безвизен режим, заканувајќи се дека во спротивно ќе се откаже од договорот за мигрантите