Градоначалникот на Солун: Никој не ни го краде идентитетот, луѓето не се информирани
Градоначалникот на Солун, Јаснис Бутарис изјави дека Грците се слабо информирани и не разбираат дека Скопје нема да им го украде идентитетот ако името на земјата го содржи зборот Македонија.
„Многу сум разочаран што по 25 години спор за името ние сме во истата позиција. Психологијата и размислувањето на голем број грчки граѓани не е променето. Проблемот е во тоа што луѓето сметаат дека Скопје ќе ни го одзеде идентитетот, никој нема да го направи тоа. Тие не се закана за нас. Луѓето се слабо информирани и си замислуваат разни нешта што не се реални. Веруваат дека ќе ни биде украдена историјата“, рече Бутарис за бугарската БТВ.
Изјавата следуваше по антимакедонските протести во Солун кон кои се приклучија илјадници Грци. Организатори на собирот беа грчки здруженија и организации од дијаспората, кои имаат поддршка и од политички партии, спортски и христијански здруженија, градоначалници и митрополити од различни општини. Преку протестот, бараа да не се користи терминот „Македонија“ во името на нашата земја.