
Германските социјал-демократи гласаа за влегување во коалициски преговори со конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел.
Како што пренесуваат германските медиуми, одлуката на социјал-демократите е клучен чекор кон откочувањето на политичкиот застој и конечно формирање на нова влада на чие што чело ќе биде актуелната канцеларка Ангела Меркел.
За започнување на колаициските преговори гласале 362 делегати во однос на 279-те кои што биле против коалицирање со партијата на Меркел “CDU” и сестринската партија “CSU”.
Кога коалицискиот договор ќе биде постигнат со конзервативниот блок на Ангела Меркел, членството на Социјал-демократската партија на Германија ќе мора најпрвин да го одобри конечниот договор, пред да биде формирана новата германска влада.

Во пресрет на гласањето на социјалистите, лидерот на партијата Мартин Шулц изјави пред делегатите дека ќе инсистира на повеќе отстапки на конзервативците за работата, здравството, но и за миграционата политика на државата.
Се очекува дека во текот на оваа седмица ќе започнат коалициските преговори, а тоа ќе им донесе олеснување на германските партнери во Европа каде што токму германската канцеларка Ангела Меркел веќе со години ја има водечката улога кога се во прашање економската и безбедносната политика на Европската унија.



