453 илјади Македонци се сиромашни, а 140 илјади живеат во вистинска беда – во домови без купатило и без минимални услови за нормално функционирање. Стапката на сиромаштија минатата година дури и се зголемила за 0.4 процентни поени.
6.9% од домовите со полско WC
6.9% од македонските домаќинства имаат само полско WC, 5.5% немаат када или туш, а 13.5% живеат во несоодветни услови: покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Ова го покажува најновата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2016-та“ на ДЗС.
Според истата публикација 3.0% од семејствата немаат ни фиксен ни мобилен телефон, 0.5% немаат телевизор, 27.3% немаат компјутер, 5.6% немаат машина за перење, а 36.9% не поседуваат автомобил.
Состојбата е малку подобрена во однос на претходната година.
Според ДЗС македонското семејство располага со дом кој во просек има 3.5 соби односно 1.0 соба по член (просечната големина на домаќинствата е 3.5 луѓе). 70.2% од семејствата живеат во единечни семејни куќи, 14.0% во лепенки, 15.9% во станови.
Зголемена стапка на сиромаштија
Стапката на сиромаштија се зголемила 0.4 процентни поени за една година и достигнала 21.9% на крајот на 2016-та. Оттука секој петти или 453 илјади Македонци се сиромашни!
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) стапката на сиромаштија е највисока кај најмладите односно кај лицата до 17 години, изнесува 28.6%. Најниска е кај најстарите односно оние над 65 години, изнесува 14.5%. 9% од вработените, 41.1% од невработените и 7.1% од пензионерите се сиромашни.
Прагот на сиромаштија е приходи од 6.880 денари за самечки домаќинства и 14.488 денари за четиричлени семејства.
„Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат” стои во објаснувањето од ДЗС.
Висока нееднаквост со големи класни разлики
Ова се отсликува во таканаречениот GINI коефициент кој според последните податоци на ДЗС во Македонија изнесува 0.366.
GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.
Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.
Од земјите во регионот освен Словенија која стои фантастично добро и во светски рамки, солидно котираат и Албанија со 0.290, Србија со 0.291, Црна Гора 0.319, Хрватска 0.322, Босна 0.331, Грција 0.358.
Полошо од Македонија е рангирана единствено Бугарија со GINI коефициент од 0.374.