Турска воена агресија на Сирија: Иран бара итно стопирање на воените акции, Русите лицемерно молчат

 

Иран бара од Турција итно стопирање на воената инвазија на северна Сирија, додека пак Курдите тврдат дека Анкара добила зелено светло од Русија за нападот на Африн и порачуваат – Москва е одговорна за ова!

Турска оклопна дивизија изврши агресија прекршувајќи го меѓународното право, навлегувајќи на територијата на Сирија, а во текот на вчерашниот ден исто така во борбите во Африн беше вклучено и турското воено воздухопловство.

Очигледно е дека Турција сака да ги потисне Курдите, да ја превземе контролата над градот Африн и целиот северен регион каде што живее мнозинско турско население, а со тоа да спречи евентуално воспоставување на поголема курдска автономија на своите граници. Со оглед на тоа што официјален Дамаск остро се противи на било какво навлегување на странска сила на сириска територија, станува збор за акт на агресија.

После вчерашните големи борби во северна Сирија, Русите излегоа во јавност со контрадикторни изјави. Најпрвин, во пресрет на нападот од Москва порачаа дека не е точно дека планираат да ги отстранат своите сили од Африн и со тоа да им дадат поддршка на Турците за бомбардирање, но вчера беше потврдено дека Русите сепак ги повлекле своите сили од теренот.

Со тоа, Русите практично им ги одврзаа рацете на Турците да ја започнат воената операција на северот на Сирија во која што само во текот на вчерашниот ден биле убиени 18 лица, од кои 6 цивили.

За лицемерието на официјална Москва да биде уште поголемо, треба да потсетиме дека Кремљ во минатото најмногу нагласуваше дека Русија е присутна во Сирија по барање на властите од Дамаск. Русија се вклучи во војната во Сирија по барање на Дамаск, но сега иако Дамаск остро ја осуди турската агресија на Сирија, Русите не само што го одобрија нападот на странска сила на сириска територија, туку ги повлекоа и своите војници.

Во меѓувреме, се огласи портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Бахрам Гасеми кој што порача дека Техеран внимателно ја следи ситуацијата на северот од Сирија и ја повика турската влада да ја прекине операцијата во Сирија.

„Иран се надева дека оваа операција веднаш ќе биде прекината“, изјави Гасеми кој што нагласи дека сите страни мора да го почитуваат сирискиот суверенитет.

Додека Москва молчи, слични пораки пристигнаа и од Египет од каде што го осудија нападот на Турција и порачаа дека тука станува збор за прекршување на сирискиот суверенитет.

Во текот на вчерашниот ден повеќе курдски високи функционери порачаа дека Русија е на страната на Турција. Еден од нив е Ријаз Дирар, курдски лидер од Сирискиот демократски совет. Тој тврди дека Русија и Турција имаат договор и дека тој договор им дал дозвола на турските власти да ја нападнат Сирија.

Курдските одбранбени единици “YPG” исто така ја осудија Русија, порачувајќи дека за ова е одговорна Москва.

Исто така, се огласи и претседателот на Сирија, Башар Ал Асад кој порача дека турската инвазија е „брутална агресија на Африн од страна на турската војска која што ги поддржува терористите“.

Според курдските извори, како и опозициски “SOHR” од Сирија, на просторот на Африн во последните 24 часа биле убиени најмалку 18 лица, од кои шест биле цивили.

Треба да знаете
Последни објави