Страшен потрес со јачина од 7,9 степени според Рихтер ја погодил Алјаска.
Издадено е предупредување за цунами, кое се однесува на големо подрачје од брегот на Алјаска и Британска Колумбија во Канада, преку државата Вашингтон, па се до Калифорнија.
Земјотресот ја погодил Алјаска во 09:31 часот по локално време. Епицентарот бил на околу 300 километри југоисточно од градот Кодиак, на длабочина од 10 километри, јавува Американската геолошка служба.
Во најголемиот град на Алјаска, Енкориџ, издадено е екстремно предупредување поради “вонредните закани по животите и имотите”.
“Ако сте лоцирани на крајбрежно подрачје, преместете се во внатрешноста, на повисок терен. Предупредувањето од цунами значи дека цунами е можно или веќе се случува. Тоа се низа бранови кои се опасни неколку часа по нивното прво доаѓање. Првиот бран не мора да биде и најголем”, стои во соопштението од Канцеларијата за управување со вонредни ситуации.
“Раширени опасни бранови се можни”, соопштил Центарот за предупредувања на националната метеоролошка служба за Пацификот.