Работна посета на министерот за надворешни работи Никола Димитров во Брисел

Работна посета на министерот за надворешни работи Никола Димитров на Брисел

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, престојуваше во работна посета на Брисел.

Во рамките на посетата МНР Димитров оствари средби со заменик претседателот на ЕК и висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, заменик претседателот на ЕК Франс Тимерманс, со еврокомесарот за образование, култура, млади и спорт Тибор Наврачич, со генералниот директор за проширување Кристијан Даниелсон, како и со евро-пратениците Андреј Ковачев и Иво Вајгл. 

Министерот Димитров оствари средба и со шефот на Кабинетот на Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер, Мартин Зелмаер и притоа имаше прилика накусо да поразговара и со Претседателот на ЕК Јункер.

Посетата беше во функција на промоција на реформските постигнувања и на новиот, европски пристап во добрососедските односи во светло на објавување на Стратегијата на претседателот на ЕК Јункер за проширувањето на ЕУ, во февруари 2018 г. 

Фокусот на разговорите беше ставен врз Стратегијата и очекувањата дека истата ќе ја потврди реалната и достижна европска перспектива за Република Македонија и земјите од Регионот. 

Соговорниците изразија задоволство од досегашните постигнувања на Владата и упатија охрабрувачки пораки за континуиран ангажман и зголемена видливост на резултатите од реформската агенда. Притоа, беше подвлечен заедничкиот интерес Република Македонија да  биде европски успех во 2018 година. 

Министерот Димитров ја истакна потребата од мериторен пристап во евро-интеграцискиот процес и ја повтори важноста за брзо отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, одлука што ќе ја зацврсти европската иднина на Република Македонија.

„Најголемата патриотска должност на нашата генерација е да успееме да го фатиме возот за ЕУ и да обезбедиме европска иднина, стабилност и просперитет на македонските граѓани” – истакна министерот Димитров.

Тој, исто така, информираше и за општествените предизвици, како и за наредните чекори на планот на реализација на реформските приоритети.

 

Треба да знаете
Последни објави