Македонската ракометна репрезентација со пораз од олимпискиот првак Данска го заврши својот настап на Европскиот шампионат во Хрватска.
Македонија првенството во Хрватска го заврши со две победи (Словенија и Црна Гора), одигра нерешено против се уште актуелниот европски шампион Германија, а поразите дојдоа од Шпанија, Чешка и Данска.
Македонската репрезентација со три бодови го освои шестото место во групата 2, каде прв полуфиналист е Данска, а за второто место се борат Шпанија и Германија натпревар што е во тек.
За црвено-жолтите, ова беше петто учество на ЕП (1998, 2012, 2014, 2016, 2018), а најголемиот успех останува оној од шампионатот во Србија (2012 година) кога Македонија заврши на петтото место.
Талески: Ова ЕП е огромно искуство за нас
Филип Талески е еден од ракометарите на кои ќе се потпира македонската репрезентација во иднината. Тој заедно со Велковски, Поповски, Кузмановски, Пешевски, добија шанса за настап и стекнување искуство од континенталниот собир на најдобрите.
– Ова Европско првенство е огромно искуство за нас. Не се надевавме на вакви околности. Пред се во првата фаза, во ниеден случај не мислевме дека ќе пренесеме три бода. Но се случи тоа. Покажавме дека можеме да се „носиме“ со силни селекции какви што се Словенија, Германија…. Меѓутоа, кога тргнавме во Вараждин некако се се сврти наопаку. Можеби и среќата ни го заврти грбот. Со Шпанија имавме лош ден, вчера немавме среќа и изгубивме несречно, денеска го дадовме максимумот, одигравме добро прво полувреме, а во второто покажавме дека немаме сили за до крај. Ова ќе биде наша поука како не треба понатаму, изјави Талески.
Велковски: Се надевам не ја разочаравме македонската публика
-Се надевам дека не ја разочаравме македонската публика. Ова за мене е големо искуство. Тешко е да го заменам Кирил Лазаров. Се надевам дека со напорна работа по неколку години ќе успеам да бидам барем дел од она што е Лазаров, изјави по мечот Мартин Велковски.
Ристовски: Одигравме квалитетно Европско првенство
Голманот на македонската репрезентација Борко Ристовски денешениот дуел со Данска го мина на клупата, но на претходните имаше солидни настапи.
– Одигравме квалитетно Европско првенство. Генерално задоволни сме од играта, но не толку и од резултатот. Тешко првенство беше, во првиот круг да имавме среќа ќе имавме четири бодови. Ни фалеше од се по малку, тука во Вараждин, искуство, ротација, среќа. Ако ги тргнеме натпреварите со Данска и со Шпанија одигравме квалитетно првенство. Стручниот штаб треба да направи анализа. Ние никогаш, па ни во Србија 2012 не бевме поблиску до полуфинале. На секој дуел се чуствувавме моќни. За грешки барање секогаш е најлесно и пред се да се види зошто во клучните натпревари ни фалеше сила, среќа, ротација,… На сите натпревари одигравме борбено 100 проценти. Жално е што немавме подобар резултат и ако ја победевме Чешка ќе имавме далеку подобар пласман. Не лесно да се игра ЕП на кое секоја репрезентација може секого да победи, рече Ристовски.
Македонија имаше сили само за едно полувреме против фаворитот Данска
Во натпревар без поголемо резултатско значење, синоќа во Вараждин, репрезентацијата на Македонија загуби од Данска со 31:20.
Иако ослабени без повредениот капитен Кирил Лазаров во составот „црвено-жолтите“ успеаја психолошки да се издигнат по завчерашниот пораз од Чешка и одиграа рамноправно прво полувреме со големиот фаворит.
Селекторот Раул Гонзалес поголема минутажа им даде на помладите играчи. Нападот беше предводен од Филип Кузмановски и Дејан Манасков, а добро делуваше и одбраната. Данците најчесто водеа со еден разлика, најмногу со два, но на пауза се отиде со нерешен резултат 12:12.
Сепак голем пад во играта на нашите репрезентативци се случи во вторите 30 минути. Скандинавскиот состав рутински го приведе натпреварот кон крајот за убедлив триумф и потврда на првото место во групата.
Најефикасни во македонската селекција беа Филип Кузмановски со 6, Дејан Манасков и Стојанче Стоилов имаа по 4 реализации.
Ова беше последен натпревар за македонските ракометари на Европското првенство во Хрватска.
Познат пласманот од седмото до 16-то место
На Европското ракометно првенство во Хрватска синоќа заврши втората групна фаза по која познати се учесниците во полуфиналните натпревари, како и на пласманот од седмата до 16.позиција.
Македонија првенството го заврши на 11.место со две победи, еден нерешен резултат и три порази.
Во полуфиналето во петок ќе играат Франција – Шпанија (18 часот) и Данска – Шведска (20:30 часот). Претходно, од 15:30 часот е натпреварот за петтото место меѓу Хрватска и Чешка.
Пласман од седмата до 16. позиција:
7. Норвешка
8. Словенија
9. Германија
10. Белорусија
11. Македонија
12. Србија
13. Исланд
14. Унгарија
15. Австрија
16. Црна Гора.