Врховен ги објави писмата на Неделкова
Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски донел одлука со која е констатирано дека согласно судскиот деловник писмата со невистинита содржина на судијата Лидија Неделкова не спаѓаат во категоријата на списи од доверлив карактер.
Поради покажаниот голем интерес на медиумите, а со цел објективно информирање на јавноста Врховниот суд на Република Македонија денеска на веб страницата ги објавува писмата (1 и 2), како што наведува, со невистинита содржина заведни под Дов.бр.8/2016-1 од 25.03.2016 и Дов.бр.8/2016-1 од 01.12.2016 година.
„Воедно, ја известуваме јавноста дека за горенаведените писма е донесена Одлука на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија со која е констатирано дека согласно Судскиот деловник истите не спаѓаат во категоријата на списи од доверлив карактер кои ги креира Врховниот суд на РМ, независно од иницијалниот документ од Основниот суд Скопје 1 кој содржи таква ознака и не е достапен за јавноста“, се наведува во соопштението.
Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, на 18 јануари годинива до Основното јавно обвинителство Скопје поднел кривична пријава против поранешниот претседател на Одделот за казниви дела во Врховниот суд, судијата Лидија Неделкова.
За кривичната пријава истиот ден бил известен и јавниот обвинител на Република Македонија кому му е доставена копија од кривичната пријава со доказите. За оваа постапка на 23 јануари бил известен и Судскиот совет на Република Македонија, се наведува во соопштението на Врховниот суд лиферувано на нивниот сајт.
На 17 јануари порталот Судство.мк до Врховниот суд доставил барање за добивање информација за тоа дали во 2016 година Одделот за казниви дела на Врховниот суд донел став, правно мислење или заклучок во врска со легитимирањето на Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, во постапките пред судовите.
По извршената проверка Врховниот суд утврдил дека тогашниот претседател на Одделот за казниви дела во Врховниот судЛидија Неделкова, на 25 март 2016 година изготвила писмо со невистинита содржина адресирано до Основниот суд Скопје 1, во кое е наведено дека Одделот за казниви дела го разгледал барањето и дека дал одговор со кој укажал на потребата Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите соодветно да се легитимира по однос на својата надлежност, а поврзано со конкретен кривично правен настан, иако одделот не одлучувал по тоа барање и не се произнел по барањето.
Писмото, потоа, повторно било заведено со датум од 1 декември 2016 година и било доставено до Основниот суд Скопје.
За невистинитоста на податоците во писмото, претседателот на Врховниот суд со свое писмо на 22 јануари годинава го известил претседателот на Основниот суд Скопје.