Трамп побара слика од Ван Гог, музејот му понуди златна веце шолја
Музејот Гугенхајм од Њујорк го одби барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да позајми дело на Винсент ван Гог за во Белата куќа и како замена му понуди златна веце шолја.
Музејот се извинува што не може да го позајми делото „Пејзаж со снег“ на Ван Гог за да ја краси Белата куќа, но како алтернатива нуди веце шолја од 18-каратно злато, објави весникот „Вашингтон пост“.
Белата куќа не излезе со коментар за ваквиот развој на настаните.
Кураторката на Гугенхајм Ненси Спектор одговорила на барањето од Белата куќа уште во септември.
„Со жалење ве известуваме дека нема да бидеме во можност да ви ја позајмиме сликата бидејќи е дел од збирката Танхаузер што не смее да биде изнесувана од музејот освен во исклучителни околности“, стои во објаснувањето од Спектор која додава дека се подготвени да ја понудат златната шолја на италијанскиот уметник Маурицио Кателан и тоа како „долгорочна позајмица“.
„Секако, многу е вредна и деликатна, но ќе ви ги пратиме сите инструкции како правилно да ја наместите и користите“, додава кураторката.
Ваквата вест секако наиде на реакции од јавноста. Едни велат дека ова е совршена реакција на почитуваниот музеј со оглед на тоа дека Трамп значително го намали буџетот за уметност и култура во САД, повикувајќи на донирање средства за музејот.
Други велат дека е големо непочитување кон институцијата Претседател и се закануваат дека ќе престанат да дават годишна донација на Гугенхајм.
Не е невообичаена пракса за американските претседатели и први дами да бараат на заем уметнички дела за уредување на Белата куќа.