Биљал Касами до последен момент чекал покана за синоќешната координативна средба за името
Од МНР нема одговор зошто на синоќешната координативна средба не биле повикани претставници на албанската опозиција. Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами до последен момент чекал покана, пишува ТВ 21.
– До последен момент чекавме да видиме дали можеби и претставници на Албанците ќе учествуваат на дебатата за прашањето со името, знаејќи дека ДУИ ги нема гласовите на Албанците и повеќето гласови на Албанците се кај опозицијата, во случајов, кај Беса и Алијанса – изјави Касами.
Штом на оваа средба бил поканет лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, од Алијанса за Албанците сметаат дека на средбата требало да учествува и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
„Алијанса за Албанците требаше да добие покана да седне на заедничка маса. Досега беше пракса и опозициските сили да учествуваат во преговорите, особено штом бил поканет лидерот на македонската опозиција, Мицковски, требало да биде поканет и лидерот на АА, Зијадин Села. Веќе постои традиција да бидат вклучени лидерите кои се политички релевантни, така беше со Охридскиот договор, со Пржинскиот, и истото требаше да се случи и на преговорите за наоѓање решение за спорот со името со Грција“, велат од Алијанса за Албанците.
Од Движење Беса и Алијанса за Албанците се надеваат дека ќе бидат поканети на следните средби, и го повикаа државниот врв да го смени пристапот, кој што тие го нарекуваат селективен, во однос на овие важни политички процеси за иднината на земјата.