Со дрон ги снимал објектите во „Џеваир Холдинг“ – се правдал дека го пробува леталото
Директорот на обезбедувањето на Џеваир Холдингот пријавил во Полициската станица во Аердром дека непознато лице ги снимало зградите на компанијата во Аердром со дрон, информираат од МВР.
Првиот обезбедувач на Џеваир, пријавил дека во кругот на Џеваир Холдингот патничко возило „Мерцедес“ со косовски регистрации се доближило до една од зградите. Од возилото излегло непознато лице кое извадило дрон и почнало да ги снима објектите. Притоа реагирал вработен во обезбедувањето, а лицето на англиски јазик му возвратило дека сакало само да го испроба дронот. Тој бил предупреден дека такво нешто не е дозволено во кругот на компанијата по што тој го земал дронот и го напуштил местото на настанот.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчиствување на случајот.
Сопругата на лицето кое наводно снимало во кругот на Џевахир Холдингот прашува на социјалните мрежи дали има закон за дронови во Македонија. Таа објаснува дека поради тоа што на нејзиниот маж, Сајмон, многу му се допаѓале новите згради изградени од турската компанија, решил да ги снима со дрон. Но од обезбедувањето на Џеваир го предупредиле дека поради тоа што тоа е приватно земјиште, снимање не е дозволено. Додека човекот си ја пакувал опремата за снимање, друг член на обезбедувањето на Џеваир му извадил пиштол и му рекол да не мрда по што овој не го послушал, седнал во својата кола и заминал.
По ова, како што објаснува сопругата, следувало бркање на нејзиниот сопруг, со полициска кола низ Скопје, но поради гужвата во градот, полицијата брзо го изгубиле нејзиниот сопруг од вид.
Сајмон, според зборовите на неговата сопруга, е државјанин на Нов Зеланд и САД, живее во Скопје, но секој ден патува на работа во Косово каде што работи во американската воена база „Бондстил“. Тој утрово при враќање во државата, бил запрен на македонската граница повеќе од три часа.
Во Македонија, летањето на дрон од почетокот на оваа година стана професија, а секој дрон со маса поголема од 500 грама и долет и висина над 15 метри се евидентира како безпилотен воздухоплов. Слободно може да се лета само на спортски аеродроми, додека за сите останати летови, комерцијални и за сопствени, потребна е лиценца, која ја издава Агенцијата, но по претходна помината обука за пилоти во акредиторан центар и положен теоретски и пракитичен испит.
Дроновите мора да бидат и евидентирани во Агенцијата, а оние со поголема маса задолжително ќе мора да добијат и регистрација мора да добијат и регистрација.