
Ханиф Бали е член на шведскиот парламент. Освен по годините, 30-годишниот Бали се истакнува и по уште една необична работа.
Тој е многу критичен кон масовната имиграција во оваа скандинавска земја, позната по добриот животен стандард, но и по својата прогресивна и мултикултурална политика. Тоа не би било чудно доколку Бали, како што неговото име сугерира, и самиот не е доселеник.
Бали дошол во Шведска од родниот Иран како 3-годишно дете на политички активист, кое било пратено во Европа од страв за неговата безбедност. Бали таму добил азил и поголем дел од детството минал со различни старатели. Политички се ангажирал веќе на 16 години, а денес е пратеник на Умерената партија, која се наоѓа на десниот центар. На нивната листа прв пат се појавил на изборите во 2010. година, како најмлад кандидат на таа партија.
Бали станал неочекувана ѕвезда меѓу шведските десничари. Дека неговиот публицитет ги минал и границите на Шведска, сведочи и прилогот кој BBC го снимил за него.
“Кога го споредувам моето детство со тоа на моите пријатели, тие се ужаснати”, вели овој Швеѓанец.

“Дојдов во друго иранско семејство северно од Стокхолм. Доаѓаа дома секој ден и велеа – “Оваа земја е можност””, се потсетува тој.
“Глобалната политика секогаш била тема на масата дома. Имаше војна во Ирак, а јас го поддржував тоа. Тогаш станав член на Умерената партија”, објаснува Бали, за кого денес политичката преокупација сепак е нешто поразлична. Шведскиот имиграциски систем премногу ја оптоварува социјалната помош, образованието и полицијата.

“Би требало да се оддалечиме од овој шверцерски систем на азил кој го имаме сега. Околу 85 проценти од азилантите се мажи, кои го минуваат Медитеранот. Владата која себеси се нарекува феминистичка и која се нарекува хуманитарна суперсила, всушност им порачува на луѓето: “Сите сте добредојдени, но само ако имате пари да им платите на шверцерите, ако сте силен и млад маж и ако сте жена омажена за силен и млад маж””, вели тој.
За неговата популарност сведочи и бројот на приврзаници на Твитер. Има двојно повеќе од шведскиот премиер.

“Социјалните мрежи се суштината на јавното мислење денес. Не би бил каде што сум без моите приврзаници на Твитер. Партијата веројатно оддамна ќе се ослободеше од мене”, смета Бали.



