Груевски до судијата: Не е фер, секој ден сум на судења, а на Заев судот му закажува на 2 месеци!
Секој ден сум на рочишта. Судот не е фер, и не ни остава време да ги слушнеме снимките, му рече обвинетиот Никола Груевски на судијата Огнен Ставрев на денешното рочиште за случајот „ТНТ“ на СЈО. По него реагираше и Јанакиески кој во судница се пожали дека не знае што попрва да прави, дали да гледа доказите, да ги слуша разговорите кои се исто така дел од доказниот материјал или да доаѓа на закажаните рочишта.
Ова е првпат Груевски и Јанакиески бурно да реагираат и да се обратат до судот за доказите за ТНТ.
Нивната реакција следеше откако одбраната повеќе од 90 минути бараше од судот да се прекине или одложи рочиштето бидејќи требало да се направи увид во записник, а се бараат и прислушуваните разговори и СМС пораките.
Судијата Огнен Ставрев рече дека судот ќе се повлече и ќе донесе одлука. По паузата беше одлучено дека снимките на обвинетите можат да им бидат презентирани само во посебна просторија на судот, а не да им бидат дадени и да ги изнесат од судот.
„Го повлекуваме задолжението снимките да им бидат предадени на обвинетите кое го донесовме на минатото рочиште. На обвинетите и одбраната нема да им се достават снимките во оригинална форма оти судот смета дека им е дозволено да ги слушаат во која било просторија во Кривичниот суд и со тоа обвинетите ги имаат сите права што им следуваат. Бараните снимки и СМС пораки обвинетите во секој момент може да ги побараат од судот и тие ќе им бидат презентирани од овластени службени лица во посебна просторија од судот“, рече судијата Ставрев.
По оваа одлука тој ги извести присутните дека им се уважува барањето на бранителите да се одложи рочиштето и наредното го закажа за 15 февруари.
Откако ова беше соопштено следеше бурна реакција на Груевски и Јанакиески. Груевски се пожали дека во неделата во која судијата Ставрев му закажал рочиште за ТНТ има закажано рочишта за уште два предмети на СЈО и секој ден ќе треба да биде во суд.
„Секој ден сум на рочишта. Судот не е фер, не ни остава време ниту да ги слушнеме снимките, ниту пак да се подготвиме за рочиште. Зошто на минатото рочиште 5 пати ни кажавте дека ќе ни ги предадете доказите, а сега го поништувате решението и не известувате дека нема да ги дадете тие снимки. На еден друг политичар на кое името му е Зоран Заев му се закажуваат рочишта на два месеци, а мене на два дена. Ова е веќе фарса и не е фер вака да нѐ малтретирате“, му рече Груевски на судијата.
На ова судијата одговори дека разбрал дека во снимките, доказ за постапките во ТНТ, има и приватни разговори и образложи дека не сака да се доведе во ситуација овие разговори да ги предаде на обвинетите и тие да бидат злоупотребени и да излезат во јавноста.
„Ова е суд, а не трафика“, одговори судијата Ставрев на барањето на обвинетите и нивните бранители.
На изјавите на судијата реагираше и Јанакиески кој повторно побара да му бидат предадени снимките.
„Има вкупно 2.000 снимки и над 10 илјади СМС пораки. Што попрво да правиме, дали да слушаме снимки, да гледаме докази или да доаѓаме на судења Најголем дел од снимките за ТНТ се мои и јас ќе потпишам изјава дека нема да ги дадам ниту пак да излезат во јавност. Судија ставете се малку и во нашата кожа кога носите одлуки“, рече Јанакиески.
Судијата Ставрев остана на истиот став дека обвинетите може снимките да ги видат единствено во судот, а за закажаните рочишта им рече да обвинетите дека ќе се потруди да побара друга сала во која има услови за судење на случајот ТНТ и доколку успее ќе закаже друг датум за рочиште и ќе ги извести телефонски.