7-ми состанок меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Грција – дел од Мерките за градење на доверба
На 9 февруари, 2018 година, во Скопје, Република Македонија и Грција ја одржаа седмата рунда на консултации во врска со Мерките за градење доверба (МГД).
Состанокот претставуваше продолжение на пријателскиот и конструктивен дијалог за различни области од заеднички интерес, во поддршка на напорите на Владите во создавањето на позитивна политичка клима во билатералните односи меѓу двете земји.
Свој придонес во дискусијата дадоа и експерти од соодветните национални институции.
Усогласените области на соработка вклучуваат проекти за поврзување, полициската соработка, европските програми, културата, образованието, цивилната заштита, јавната администрација, здравството, соработката меѓу дипломатските академии, како и реализацијата на бизнис иницијативи. Соработка беше иницирана и во областа на сеизмологијата, а беше парафиран и Меморандум за разбирање за соработка на полето на цивилната заштита.
Следниот состанок ќе биде одржан во Атина.