Во понеделник од почеток ќе стартува судењето за случајот „Монструм“
Во понеделник, на 12 февруари на обвинителна клупа повторно ќе седнат обвинетите во случајот „Монструм“, на кои од почеток ќе им се суди за петкратното убиство што се случи на 12 април 2012 година, кај Смиљковското Езеро.
Судењето стартува од почеток, кај судијата Огнен Ставрев, бидејќи Врховниот суд ја укина првостепената и второстепената пресуда и предметот го врати од почеток, и тоа по барање на Вишото јавно обвинителство.
Набрзо по оваа одлука, највисокиот суд донесе одлука и да ги ослободи од притвор Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост, односно не смеат да го напуштат градот во кој што живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1.
Додека, пак, меѓународните потерници за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се уште се активни. Тие веќе со години се засолнети во Косово, а од обвинителството велат дека тие ќе бидт активни се додека не се утврди каде се наоѓаат. Демири и Исмаиловиќ беа фатени во Косово, но тамошните власти го одбија барањето за екстрадиција, бидејќи тврдеа дека не се доставени доволно докази кои укажуваат на нивна вмешаност во случајот.
Од Обвинителствот се уште не откриваат кој обвинител сега ќе го застапува обвинението, а креатор на истото беше Гордана Гешкоска.
Поради многубројните насоки и забелешки на Врховниот суд, се очекува обвинителството да направи измени или допрецизирање на обвинителниот акт.
Адвокатот Насер Рауфи истакнува дека е неопходно да се измени обвинението, а истакнува и дека тој има право да побара случајот да се врати во фаза на истрага, бидејќи и според забелешките на Врховниот суд, имало поропусти.
Петкратното убиство кое им се става на товар на обвинетите беше извршено на 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро, каде што беа убиени четири момчиња и рибар.