Димитров и Коѕијас во Виена преговаат за името, утре ќе им се придружи и Нимиц
Во Виена вечерва министрите за надворешни работи на Македонија и Грција ја започнаа новата рунда разговори за надминување на спорото околу името. Димитров и Коѕијас, како што синхронизирано соопштија двете министерства вечерва ќе разговараат тет-а-тет, додека утре разговорите ќе ги продолжат во присуство и на посредникот од ОН во спорот, Метју Нимиц.
Ова е прва рунда од преговорите која се одвива на министерско ниво, што од страна на македонската влада во пресрет на средбата беше оценето, како вистински страт на преговорите за надминување на спорот.
Но само неколку часа пред стартот на министерската средба Грција преку премиерот Ципрас ги подвлече своите црвените линии. Тој денеска во обраќање пред пратеничката група на СИРИЗА порача дека рамката што гарантира затворањето на проблемот за името е сложено име за севкупна употреба, проследено со уставна измени.
„Решението не може да биде друго од едно сложено име што ќе важи за сите, за севкупна употреба. Нешто за што секако, предуслов е и уставна промена, за името навистина да биде ерга омнес, односно за севкупна употреба. Не може да биде една употреба надвор, а друго да биде името во Уставот. Секако предуслов е и повлекување на секаков сомнеж за иредентизам. Ова е единствената рамка што го гарантира решавањето на проблемот и поминување во нова ера за целиот Балкан, далеку од национализмот, фанатизмот и нетолеранцијата“, изјави Алексис Ципрас, премиер на Грција.
Ципрас притоа изјави дека преговорите нема да бидат лесни, но и дека не постои друг пат, освен да се продолжи со преговорите за да се најде „взаемно прифатливо решение без заобиколувања и без отстапки“.
И додека Грција пред новата рунда разговори ги потцрта своите позиции од македонска страна беа испратени сигнали на неусогласенот во владината коалиција околу процесот. По неодамнешната најава на премиерот Зоран Заев дека процесот на преговори со посредништо на Метју Нимиц ќе го води исклучиво шефот на дипломатијата, координаторот на пратеничката група на ДУИ и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби му испорача на Нимиц сет негови забелешки за предлозите за можно решение.
„Сакам да му понудам дополнителни идеи, кои произлегуваат од моите средби во Вашингтон, и од средби со грчки авторитети. Имам доста информации и конкретни идеи како може да се излезе од ситуацијата, за да имаме достоинствено решение за граѓаните на Македонија“, изјави Артан Груби, претседател на собраниска Комисија за европски прашања, пред средба со Нимиц изминатиов викенд во Вашингтон.
Од владата не сакаат да коментираат за тоа во кое својство Груби му пренесувал идеи на Нимиц и дали за тоа постои договор и координација во владината коалиција, особено во пресрет на разговорите Димиторв – Коѕијас – Нимиц. Од таму за потегот на Груби велат дека не е во ингеренции на владата.