
Градоначалникот на турскиот главен град Анкара, Мустафа Туна го објави планот улицата на која што се наоѓа амбасадата на САД да се промени и да се нарече по актуелната турска воена операција во Сирија.
Градоначалникот на турската престолнина на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“ напиша дека улицата „Невзат Тандоган“ ќе биде наречена улица „Маслиново гранче“, баш како што моментално е наречена операцијата на турската армија во северна Сирија.
Минатиот месец Ердоган нареди стартување на операцијата „Маслиново гранче“ чија што цел е протерување на курдските „Единици за народна заштита“ од северниот дел на Сирија.

Турската операција „Маслиново гранче“ практично е апсолутно кршење на сирискиот суверенитет и брутална агресија на сириските градови населени со претежно курдско население. Ваквата акција ја осудија властите од Дамаск кои што го повикаа „агресорот“ – турската армија итно да се повлече и да ја напушти Сирија.
Операцијата на турската армија во главно е насочена против “YPG” – курдските „Единици за народна заштита“, односно курдските борци кои што беа единствениот противник на Исламската држава во тој регион и служеа како заштита за сириското население од бруталната терористичка организација.

Токму курдските единици се главниот сојузник на Соединетите Американски Држави во Сирија, па со оглед на тоа што Американците ги поддржуваат Курдите, Турците затоа сега испраќаат провокација до Вашингтон со преименувањето на улицата во Анкара каде што е сместена американската амбасада.
Турските власти исто така во ноември минатата година ја преименуваа улицата на која што се наоѓа амбасадата на Обединетите Арапски Емирати во Анкара, откако еден од министрите на оваа заливска држава на „Твитер“ напиша дека предците на Ердоган го ограбувале светиот муслимански град Медина.



