Министерот Филипче во работна посета на Струга
Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска беше во работна посета на општина Струга, каде оствари средби со градоначалникот Рамиз Мерко и со раководството на Општата болница.
Целта на посетата, како што рече, е лично да се запознае со условите за работа во Општата болница во градот, проблемите со кои се соочуваат вработените, можностите за подобрување на медицинските услуги за пациентите и квалитетот на здравственита заштита, потенцијална реорганизација на болницата во насока на нејзина регионализација, како и потребите од нови кадри и дообукација на постојните.
– Разговаравме и за можноста за развивање на нов проект за приватно јавно партнерство во здравствениот систем. Интенција на Министерството за здравство е воспоставување нов систем на соработка во системот преку приватно и јавно партнерство, односно се она со што располагаме да биде дадено на приватни партнери и за сметка на тоа да добиеме квалитетна здравствена институција, посочи Филипче.
Во врска со најавите за реконструкција на објектот на Општата болница во Струга, министерот за здравство појасни дека за тоа прашање било разговарано со надлежните локални власти и градоначалникот Мерко, притоа посочувајќи го како најдобро решение изградба на нов објект на сосема нова локација што би била договорена со локалната самоуправа.
Директорот на Општата болница – Струга, Асим Муса, од своја страна ја нагласи реалната потреба на граѓаните на општината за подобрени услови за примарна и секундарна здравствена заштита, имајќи ги предвид бројноста на населението што ги покрива установата и дополнително услугите што ги дава на пациенти од соседните општини и од пограничните места во Република Албанија.
– Установата поседува добри кадри, професионалци, но постои тој проблем со условите за работа во постоечкиот објект. Даваме медицински услуги во несоодветни услови, така што оваа средба ја инициравме токму за да ги предочиме потребите од преземање мерки како за одржување на функционалноста на постоечките одделенија, така и за нивно унапредување, рече Муса.
Што се однесува на проектот „Мој термин“, министерот за здравство истакна дека интенција на ресорното Министерство е истиот да се надградува, односно тоа да не биде само форма на просто упатување на пациентите, туку создавање електронски систем што што ќе ги интегрира сите здравствени институции во земјата.
– Веќе започнавме со имплементација на одредени модули во сите јавни здравствени инстутиции, да го унифицираме материјалното и финансиското работење, да имаме увид во сите материјали и лекови што се користат во институциите, а Министерството да има централна контрола со сето она што го располага во одреден момент, додаде Филипче.