Кинотеката на Македонија овој месец ќе го воведе филмскиот циклус „Уредник со причина“ во кој ќе бидат прикажувани филмови избрани од некоја јавна личност.
Програмата ќе претставува филмска селекција која го потенцира персоналниот аспект на доживувањето на едно филмско дело и секој месец една јавна личност ќе има можност и слобода да биде филмски уредник – да направи свој личен избор на филмови и да ги презентира.
Честа да биде прв уредник со причина му припадна на Влатко Стефановски, еден од најпознатите и најуспешни македонски музичари. Неговиот опус е сестран и освен неговите познати чисто музички самостојни проекти и работата со групата „Леб и сол“, тој e автор и на филмска музика.
Оттаму, велат од Кинотеката, разбирливо е што неговата селекција се состои од филмови со моќна музичка подлога, како што се „Париз, Тексас“, филмска класика од осумдесеттите, и „Големата убавина“, еден од најизвиканите и наградувани современи светски филмови. Изненадувањето е „Мирно лето“, филм што по речиси 60 години почнува да стекнува култен статус. По завршувањето на проекцијата на филмот „Големата убавина“, Влатко Стефановски ќе се дружи со публиката со која ќе разговара за филмовите од програмата. Ивана Смилевска ќе биде медијатор помеѓу Влатко Стефановски и публиката.