Од Април во Скопје ќе се вози електричен автобус
Од април на линијата 15 ќе вози електричен автобус, кој компанијата „Челиот моторс“ го додели на Град Скопје на пробно користење од 6 месеци.
Град Скопје денеска потпиша договор со компанијата за спроведување на овој пилот проект. На последните станици во Ново Лисиче и Карпош 4 ќе бидат поставени полначи а на автобусот ќе му биде потребно од 3-5 минути за полнење за да може да помине 20 километри. Капацитетот на автобусот ќе биде за 85 патници.
Градоначалникот Петре Шилегов рече дека со овој пилот проект ќе можат граѓаните но и Градот да видат како функционираат овие автобуси и дека сè уште во Градот не е одлучено какви еколошки возила ќе се купуваат.
„Вложувањето во јавниот превоз кој не го загадува воздухот е влог во создавање здрава животна средина. Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во градот е дел од приоритетите на Градот“, рече Шилегов на потпишување на договорот за користење на електричниот автобус од компанијата „Челиот моторс“.
„Челиот моторс“ е израелска компанија со седиште во Софија, а автобусите ги произведува во кинеската компанија „Хајгер“. Вакви автобуси сега се возат во Белград, Грац и Тел Авив. Како што кажаа претставниците на компанијата за еден ден возење низ Скопје електричниот автобус ќе прави трошок за електрична енергија од 21 евра, што е многу помалку отколку трошоците за дизел гориво на двокатните автобуси кои се 121 евро за еден ден. Еден електричен автобус кој го произведува компанијата чини околу 500.000 евра.