Коѕијас на крајот на февруари ќе ја достави нацрт спогодбата за името на 20 страници
Соседната земја, терминот Македонија, долги години го разбираше како национална, а не како географска карактеристика, сега треба да се најде географска или територијална придавка. Моја желба е името да биде непреведно, на словенски јазик, таков пример се Нова Македонија, Вардар Македонија, Горна Македонија, изјави во интервју за грчката телевизија Алфа, министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас.
Доколку тој би бил кум на земјата, немало да сака да биде вклучено името Македонија. Сепак, објаснува дека „за жал веќе 25 години, Грција официјално користи сложено име за соседната земја“.
Шефот на грчката дипломатија посочи дека во Виена имало речиси 12-часовни континуирани преговори, но сѐ уште не постои договор за ниту една точка, барем според неговата перцепција.
Во однос на името и одредницата, Коѕијас рече дека постојат различни имиња, како што се „Горна Македонија“, „Северна Македонија“, „Вардарска Македонија“ итн.
– Но, тука постои една дискусија. Името ќе биде на латиница, ќе биде на англиски, со можност да се преведува на сите јазици? Ова мислам дека е нешто што би го сакале Скопјаните. Мојата желба е малку посложена. Би сакал да биде едно име што како што ќе се слуша и ќе се гледа, ќе се сфаќа дека е некоја друга Македонија, географски ентитет, а не историско наследство од грчката Македонија, рече шефот на грчката дипломатија, а како пример ги спомена имињата (сите ги изговори на македонски, без превод на грчки) „Нова Македонија“, за кое рече дека некои дебатираат дали е со географска или времена одредница, потоа „Вардар Македонија“, за кое рече дека содржи нешто добро за нас, бидејќи „и на албански на словенски првите два слогови се исти „Вардар“, а како друг пример го спомена името „Горна Македонија“.
Шефот на грчката дипломатија, откри дека првиот дел на нацрт спогодбата што Атина ќе му ја предложи на Скопје е подготвен, а на средината од месецов ќе биде доставена до македонската страна. Документот ќе биде околу 20 страници, а според Коѕијас се однесува на името и на она што произлегува од името, односно каква употреба ќе има името, изведени зборови односно идентитет, националност и јазик, а потоа и другите прашања како што се трговските имиња, акронимите и кратенките. Тој повторно рече дека Грција бара името да биде и за внатрешна употреба, и во билатералните односи со другите земји и за меѓународна употреба.
Коѕијас во интервјуто за ТВ Алфа го спомена и македонскиот Устав, за кој рече дека „оние што викаат сега веднаш да се смени, знаат дека не може да се случи тоа и тие не сакаат решение“, но сепак потенцираше дека се неопходни уставни промени за евро-атлантска интеграција на Македонија.
Коѕијас објасни дека медијаторот Нимиц е потребен во разговорите, затоа што е претставник на Генералниот секретар на ОН и ќе треба да направи извештај за договорот, но и поради тоа што преговорите во одреден дел се водат под палката на Нимиц, а еден дел директно меѓу министрите за надворешни работи.