
Николас Круз, убиецот кој на Св. Валентајн убил 17 луѓе во средното училиште на Флорида, бил вдомен кај брачниот пар Снед во Паркленд. 49-годишната Кимберли и нејзиниот 48-годишен сопруг Џејмс, откриле дека немале поим каков е всушност Николас.
“Тоа чудовиште живеело под нашиот покрив, а ние не знаевме за неговата мрачна страна. Очигледно сите освен ние биле свесни дека тој е проблематичен”, рекле Кимберли и Џејмс за локалниот весник “Sun Sentinel”. Кимберли работи како медицинска сестра, а Џејмс е воен аналитичар. Круз кај нив се преселил само неколку дена откако умрела неговата мајка Линда Круз, која го посвоила.

Му дозволиле да чува оружје во сеф
Снед во интервјуто раскажале дека Круз бил многу депресивен по смртта на неговата мајка, но и дека со време делувал се посреќен. Признале дека му дозволиле во домот да ја чува полуавтоматската пушка “AR-15” со која ги убил луѓето, но морал да ја чува во сеф во спалната соба. Познато е дека бил голем љубител на оружје.
Внатре во сефот криел уште неколку пиштоли и ножеви, а секогаш кога го отварал сефот морал да ги извести. И покрај тврдењата дека на социјалните мрежи објавувал фотографии од мачени животни, брачниот пар рекол дека не забележале дека е суров кон нивните домашни миленичиња, две кучиња и шест мачки.
Кимберли открила дека Круз по смртта на неговата мајка одел на психотерапија и дека само пет дена пред масакрот биле заедно на психијатар. Круз на инспекторите им рекол дека слушал демонски гласови во главата, кои му давале упатства за тоа дека треба да го изврши нападот.

Круз им се јавил на своите старатели по нападот
Меѓутоа, ноќ пред убиствениот поход немало показатели дека Круз би можел да го направи тоа. На денот на нападот, во околу 14:30 часот, Кимберли и Џејмс добиле телефонски повик од Круз, при што им кажал за пукањето во средното училиште “Majory Stoneman Douglas”. Џејмс го советувал да оди до најблиската продавница и дека ќе го собере од таму. Но, додека одел по него, Џејмс добил повик од полицијата, која прашала каде би можел да се наоѓа Круз. Откако сфатил дека неговиот посинок би можел да биде убиецот, Џејмс се им раскажал на полицајците и тргнал кон дома за да види дали е се во ред со неговата сопруга.
Поранешната снаа починатата мајка на Круз, Барбара Кумбатович, истакнала дека Николас секогаш имал проблеми во училиште и дека неговата мајка со тоа се носела најдобро што можела. Се претпоставува дека нејзината смрт била капката која ја прелеала чашата и го предизвикала лудилото на Николас. Круз минатиот четврток бил доведен на суд каде го признал нападот. Одреден му е притвор без право на кауција.




