Врховен суд ја потврди казната за зетот на Лилјана Поповска
Лидерката на ДОМ попустo крена врева во јавноста, тврдејќи дека нејзиниот зет Перо Јосифовски бил жртва на политички прогон.
Врховниот суд на Република Македонија ги потврди казните кои во првостепена и второстепена постапка им беа пресудени на обвинетите од случајот од 2014 година, во јавноста познат како „Кражба во Музејот на Македонија“ во Скопје, дознава Судство.мк.
Меѓу лицата кои се осудени е и зетот на пратеничката Лилјана Поповска, која пред неколку дена изјави дека била уцената и казната на времето од страна на ВМРО-ДПМНЕ исто како и лидерот на ПЕИ Фијат Цаноски, иако со различни методи.
„Гревот“ ни е што сакавме да ја напуштиме коалицијата. На Фиат му се случи „Глобал“, а мене „Музеј“ – изјави лидерката на ДОМ, Лилјана Поповска, по изјавата на експремиерот Никола Груевски, дека таа барала да го ослободи нејзиниот зет од притвор.
Поповска додаде дека настрадаа шест невини луѓе, меѓу кои два члена од ДОМ, еден од нив нејзин зет за сестра, Перо Јосифовски, доктор по нумизматика и автор на вредни научни дела.
Останатите беа исто така врвни стручњаци и посветени истражувачи на македонското културно наследство – изјави лидерката на ДОМ.
Според одлуката на Врховниот суд, како што дознава Судство.мк, од Музејот на Македонија биле одземени 162 артефакти од страна на речиси сите се вработени во музејските установи. Тие биле земени од депоата на Музејот. Дел од осудените биле членови на Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија.
Исчезнувањето на артефактите беше обелоденето во ноември 2013 година. Во текот на истрагата и во подоцнежната судска постапка, беше утврдено дека се правеле копии од оригиналите, некои се препродавале, а одредени предмети наводно фалеле во музејското депо.
На 20 март пред две години, вкупно 31 година затвор им беа изречени на седуммината обвинети за кражба на артефакти од Музејот на Македонија. Највисока казна од 8 години и 8 месеци доби поранешниот директор на Музејот, Перо Јосифовски. На Златко Видевски му се пресудени 6 години и 8 месеци, на Софка Кушовска 3 години, на златарот Часлав Кузмановиќ судот му пресуди 7 години и 8 месеци затвор, на Јован Кондијанов 3 години, а Дарко Кржовски и Андреј Ежов добија по 1 година. На обвинетите во затворската казна им се пресмета и времето што го поминаа во притвор.
Повеќе прочитајте тука.