Ако мислите дека сте избришале се од телефонот ГРЕШИТЕ!
Според најновата студија на чешката компанија „Аваст“, обичното бришење на фотографиите пред продажба на мобилниот телефон не е доволно за да се уништат податоците. Oбично стариот мобилен телефон откако ќе се продаде се користи од друго лице, постои опасност провокативни фотографии или доверливи податоци да бидат достапни и на други лица.
Компанијата тврди дека бришењето на меморијата и рестартирањето на мобилните апарати, особено оние постарите, не се секогаш доволни.
– Доколку не сакате вашите податоци да ги обнови било кој, уништете го вашиот мобилен телефон. Тоа е стандардна безбедносна процедура, која со години се користи во компјутерската и телекомуникациската област, вели за Би-Би-Си, Алан Калдер, основач на компанија која се занимава со виртуелна безбедност и решавање на таквите проблеми.
Според експертите, процесот на бришење се состои во тоа што оперативниот систем само го означува како празен, делот на просторот каде се наоѓале податоците, но реално се уште се наоѓаат на дискот. Тие сосема ќе се избришат кога врз нив ќе се снимат нови податоци и ќе се опфати целата меморија.
Откако „Аваст“ откупил 20 случајно избрани стари мобилни телефони и покрај тоа што биле фабрички ресетирани и со комплетно избришана меморија, било пронајдено големо количество на стари податоци.
Во рамки на истражувањето, техничарите успеале да обноват 40.000 фотографии од кои 1.500 биле семејни, 750 на жени без облека на себе, а 250 на голи мажи.
Телефоните исто така содржеле над 1.000 разни фрази пребарувани на „Гугл“, 750 електронски писма, 250 телефонски броеви со имиња и презимиња, четири идентитети на претходните сопственици и дури еден финансиски договор.
Резултатите на истражувањето ги негираат од „Гугл“ тврдејќи дека токму нивниот оперативен систем Андроид има безбедностни мерки кои со сигурност ги бришат податоците од меморијата.