Предлог-законите за Судскиот совет и судовите денеска на владина седница
Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна 56. седница, на чиј дневен ред ќе се најде предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, како и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите.
Од Владата соопштија дека по предлог на заменик-претседателот на Владата за економски прашања на денешната седница министрите ќе ја разгледаат и информацијата за можноста за понатамошно вклучување на Република Македонија во регионалната иницијатива – Програма за развој на зелени градови. Истовремено, министрите ќе ја разгледаат и информацијата со предлог-решение за нормално функционирање на ИПАРД-структурата и соодветно искористување на средствата од Европската Унија.
Владата на 56. седница по предлог на Министерството за труд и социјална политика ќе го разгледа оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.
Пред министрите исто така ќе се најде и информацијата за реформите на средното стручно образование, конкретно за техничкото образование.