Бошкоски: Не чувствувам специјална потреба да го гледам ликот на Сашо Мијалков
На денешното закажано рочиште за случајот „Тортура” во судница како оштетен дојде и Љубе Бошкоски. Тој за прв пат по речиси седум години се соочува со полициските „алфи” кои тогаш го апсеа, а денес им се суди за начинот на кој постапувале. Во изјава за медиумите Бошкоски изрази надеж дека правдата ќе ги стигне сите кои се огрешиле кон законот.
„Мислам дека конечно ќе профунционира правната држава и дека сите ќе ги стигне правдата. Ова судење ќе биде порака како не треба во иднина да се приемнува законот. Мислам дека судот ќе одлчи по доказите со кои располага и правдата навистина ќе ги стигне сите кои се огрешиле кон законот. Не сакам да прејудицирам дали и Сашо Мијалков ќе влезе во судница за овој предмет. Но, целата македонска и светска јавност слушна во каков тоталитарен режим живееше Република Македонија. Не чувствувам некоја специјална потреба да го видам тој лик на судењата, но доколку судот одлучи дека треба да се појави, тогаш сигурно ќе се појави”, изјави Бошкоски.
Тој нагласи дека денес прв пат по настанот ги гледа лицата кои го апсеа, но, како што рече, не се толку расположени како тогаш.
„Прв пат денес после скоро седум години ги гледам истите ликови кои ме апсеа.Сега не се толку располежни како тој ден кога ја извршуваа задачата од наредбодавецот, од нивниот шеф во ликот на тогашниот шеф на УБК.”, додаде Бошкоски.
За случајот „Ровер”во кој тој еднаш беше осуден на затворска казна за нарачано убиство, Бошкоски рече дека и таму чекаат правдата да биде задоволена и се надева дека во овој предмет ќе биде донесена одлука да се повлече обвинение или ќе биде донесена ослободителна пресуда.