Советот на Oпштина Прилеп не го прифати предлогот на Регулаторната комисија цената на водата да изнесува 29, 69 денари за метар кубен туку со гласовите на владејачкото мнозинство беше изгласано таа да изнесува 26,22 денари за метар кубен.
„Советот одлучи водата да остане на досегашното ниво, односно нејзината цена да изнесува 26,22 денари за метар кубен. Доколку се прифатеше предлогот на Регулаторната комисија, цената на водата ќе беше зголемена за 20-30%, што значи дека за исто толкав процент нејзината цена е намалена. Со нејзиното останување на висина од 26,22 денари за метар кубен, значи дека го исполнуваме ветувањето дадено за време на кампањата за локалните избори“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.
ВД директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески, рече дека Регулаторната комисија за првпат ја определува тарифата за да обезбеди финансиска одржливост на јавните комунални претпријатија. Регулаторната комисија, како што изјави Јанески, ја дава просечната тарифа врз основа на која по соодветна формула се пресметува која е средната цена на водата за физичките и правните лица.
„Врз основа на тоа, јавното комунално претпријатие има можност да ја зголеми или намали просечната тарифа за водните услуги. На инсистирање на градоначалникот, ЈКП „Водовод и канализација“ во целост ќе се потруди да ги намали целокупните трошоци и со тоа просечната цена на водата предложена од Регулаторната комисија за 2018 година, да ја намали за 12,61 отсто. Тоа значи дека цената на водата останува непроменета и ќе изнесува 26,22 денари за метар кубен“, најави Јанески.