Новите економски политики, можностите за инвестиции, природните потенцијали и ресурси на Македонија, како и мерките на поддршка од планот за економски раст за нови инвестиции и конкурентноста на претпријатијата, беа тема на разговор на средбата што денеска ја оствари претседателот на Владата, Зоран Заев, со бизнис-делегација од Саудиска Арабија.
„За нашата економија е добро да ја јакнеме соработката со Саудиска Арабија на политички и економски план. Македонија отвора можности и може да биде добра бизнис-дестинација за инвеститорите од Саудиска Арабија“, порача премиерот Заев.
Во таа насока тој посочи дека потенцијалните заинтересирани инвеститори од Саудиска Арабија може да добијат значителна државна поддршка според планот за економски раст доколку се одлучат да инвестираат во Македонија по транспарентни критериуми кои се еднакви за сите инвеститори.
„Ве повикувам да ги разгледате и да аплицирате по мерките за поддршка што ги овозможува планот за економски раст. Инвестициите и Владата на Република Македонија ви стојат на располагање. Македонија е земја што може да понуди компетитивни можности за нови инвестиции. Растот на приходите на компаниите претставува и раст на БДП и затоа Владата на Република Македонија е цврсто определена да го поддржи и помага бизнисот“, рече премиерот на средбата и ги информира инвеститорите дека планот за економски раст ги дава првите позитивни резултати, со што земјата прераснува во атрактивна и стабилна бизнис-дестинација, во која за 7 месеци има влез на 8 нови инвестиции, а се очекува конечна одлука и за други 20-ина нови инвестиции.
Претставниците на бизнис-делегацијата ги пренесоа своите позитивни впечатоци од тридневната посета на Република Македонија и посочија дека заемната соработка ќе продолжи да се развива во насока на унапредување на економските релации со Република Македонија. На средбата беше посочено дека постои интерес за инвестиции во одредени сектори, како што се земјоделството, преработувачките капацитети и прехранбената индустрија, енергетскиот и финансискиот сектор.
На средбата присуствуваа и министерот за економија, Крешник Бектеши, и советниците за економски прашања. Бизнис-делегацијата од Кралството Саудиска Арабија беше предводена од почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Саудиска Арабија, Абдулах Ал Навасиер.