Антикорупционерите да го следат примерот на нулта толеранција за корупција и да понесат одговорност, порачуваат од Владата, по скандалот што изби во редовите на Државната комисија за спречување корупција, за нерегуларности во работата.
„Владата на Република Македонија го следи принципот на нулта толеранција за корупција. Во изминативе 9 месеци покажавме дека не постои толеранција кон именуваните функционери кои имаат покажано неодговорно трошење на парите на граѓаните и сите кај кои беше утврдена таква состојба поднесоа одговорност. Истовремено владата постојано укажува дека одговорното трошење на буџетските пари треба да биде почитувано и од сите други јавни функционери, како што беше примерот со Државната изборна комисија. Очекуваме дека и членовите на Антикорупциската комисија ќе го следат принципот на нулта толеранција за корупција и ќе покажат одговорност имајќи ги предвид последните случувања и имајќи предвид дека тоа е суштината на нивната работа“ велат од Владата.
Ревизорскиот извештај на УЈП за работата на комисијата, објавен во медиумите, покажал дека дел од членовите користеле неверодостојни патни налози за кои им биле исплаќани патни трошоци, дополнително како ненаменско трошење буџетски пари се посочуваат и трошоци за ручеци и вечери во ресторани кои членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување стан.
Ревизијата се однесува на составот на Комисијата со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова Аџикотарева и Сејди Халили, кои се на оваа функција во ДКСК од април 2015.