Дванаесет производители од Скопје, Велес, Куманово и Битола, како и еден гостин од Грција ќе учествуваат на првиот Пивски салон што ќе се одржи на 3 март во Скопје.
– Изложени ќе бидат нашите занаетчиски (крафт) пива, но во строго ограничени количини. Овие пива не можете да ги најдете во продажба зашто се во мали количества. Секој од нас ги произведува за себе и за своите пријатели. Некои се 100 отсто од локални состојки и се вид мал експеримент, односно потврда дека и од тоа што го има тука, на ова поднебје може да се создаде добро пиво – вели Марјан Костадиновски, еден од организаторите на настанот кој од 2010 година произведува занаетчиско пиво.
Според Костадиновски, иднината на пиварството е во мини пиварниците.
– Крафт пивата се конечно доказ дека пивото повеќе не е едноличен и здодевен пијалок, само за освежување во летните месеци, туку пијалак кој има карактер, вкус, арома, направен со многу љубов и страст. Може да се споредува со врвните вина во смисла на уживање, комбинирање со содветна храна и, секако, слобода во креирање на дизајнот и етикетите, амбалажата и пакувањето – истакнува Костадиновски.
Настанот ќе биде збогатен со закуски од традиционална храна, продажба на рачно дизајнирани маици со пивски апликации од модната дизајнерка Мелани Дигит, изложба на креации со пивски тапи од модната дизајнерка за облека и накит Александра Велјановска, како и изложба на првата рачно изработена дрвена кригла.
Македонските производители на пиво во домашни услови во ноември 2017 година организираа собир во Битола. На овој прв мини пиво-фест, како што го нарекоа, беа претставени 10 видови пиво.