Обвинителството отвора истрага за полицајката и пајакот
Камерите за управување со сообраќајот немаат класифицирани информации, со тоа МВР може јавно да ги објави снимките од нападот на полицајката при извршување на службена должност. Ова за „Макфакс“ го тврди адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, по изјавата на директорот на Бирото за јавна безведност, Лазо Велковски, дека нема јавно да се објават снимките од моментот кога била нападната полицајката од страна на високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани. Според Давидовиќ, јавен интерес е да се види дали полициските службеници подлежат на притисоци, наметнат од политичарите.
„Долго време во државата се објаснува дека јавниот интерес е поважен отколку приватнот или друг интерес. Бомбите беа објавување туѓи разговори, но јавниот интерес беше побитен. Тие разговори откриваа начин на незаконити дејствија на државни функционери. Ова се камери за управување на сообраќајот, а снимките не се класифицирани информации. Камерите снимаат кој поминува таму. Самиот настан не е класифицирана информација. Напротив, ако висок партиски функционер се заканува на полициска службеничка, тоа открива многу за начинот на кој тој ја работи функцијата, а тоа е јавен интерес. Јавен интерес е и начинот на кој полицајците се подлежни на притисок од страна на политичарите. Ако тврди дека не била удрена, а се утврди дека била, тоа е лажен исказ. Ако таа потклеклува на притисок од политичари, МВР не може да ја извршува работата со ваков припадник“, вели Давидовиќ за „Макфакс“.
Основото јавно обвинителство го истражува инцидентот во кој полицајката Јасмина Јаначковска беше нападната од страна на високиот функицонер на ДУИ, Бекир Асани, потврдуваат за „Макфакс“ од ОЈО. Тие велат дека МВР побарало од нив да постапуваат, а, пак, јавен обвинител дал наредба да се приберат податоци и дополнителна документација.
Од Обвинителство не одговараат дали ги добиле снимките од страна на МВР, за кои директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски, тврдеше дека ќе ги предадат кај обвинителот.
„Обвинителството го повика и оштетеното лице да даде изјава. Истовремено се преземаат и други дејствија за да се приберат потребни податоци во предметот. По нивно разгледување и анализа ќе следи соодветна јавно обвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, велат од ОЈО.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и полицајката Јаначковска тврдеа дека таа била само вербално нападната.
извор: Макфакс