
Според последните информации кои што ги пренесуваат сириските медиуми, екстремистите во Источна Гута вовеле полициски час и не им дозволувале на цивилите да го напуштат предградието на Дамаск.
После упадот на сириската армија на тоа подрачје, голем број на цивили започнале да ја напуштаат Источна Гута, а според најновите информации, екстремистите вовеле полициски час со кој што спречуваат цивилите да побегнат и го блокираат воспоставениот хуманитарен коридор.
Повикувајќи се на извори од руската армија, новинската агенција „Интефакс“ пренесува дека бунтовниците кои што се борат против силите на сириската армија лојални на претседателот Башар Ал Асад, забраниле јавни собири на цивилите.
Покрај тоа, тие го блокирале хуманитарниот конвој на Обединетите нации кој што требало да достави непоходни залихи на храна и лекови за заробениците во Источна Гута, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.

Бунтовниците го блокирале хуманитарниот коридор, со што бил блокиран и конвојот составен од 40 камиони кои што доставувале залихи за околу 400 илјади луѓе.
Сириските медиуми пренесуваат дека во предградието на Дамаск каде што судирите се вжештија кон крајот на минатиот месец, досега успеал да влезе само мал конвој кој што носел залихи за околу 7,200 луѓе.



