ПСЖ бара мало чудо на „Паркот на принцовите“, додека Реал Мадрид бега од тотална пропаст во оваа натпреварувачка сезона. Во исто време не очекува и „ревијален“ натпревар меѓу Ливерпул и Порто во Англија. Вака најкратко можеме да ги опишеме реванш натпреварите од осминафиналето во рамките на Лигата на шампионите, кои се на програмата вечерва со почеток од 20:45 часот.
После неполни две седмици нокаут фазата од Лигата на шампионите продолжува, а за три од осумте парови можеме слободно да кажеме дека ги делат само 90 минути и формална потврда за влез во четвртфиналето, бидејќи првиот натпревар одлучил речиси се.
Овде првенствено се мисли на високите победи на Баерн Минхен (5:0 против Бешикташ на свој терен), Манчестер Сити (4:0 на гости кај Базел) и Ливерпул (5:0 против Порто во гости).
Во реванш натпреварите на останатите парови не чека неизвесност, а во таа категорија влегува и мечот меѓу ПСЖ и Реал, без разлика на тоа што Шпанците доаѓаат во добро расположение и поволен резултат од 3:1 на свој терен.
Може ли ПСЖ без Нејмар да го покори Реал во Париз?
Пред ПСЖ е многу тешка задача, која само ретки клубови во ова натпреварување успеале да ја одработат како што треба, а тоа е да се надополни пораз од два или повеќе гола разлика. ПСЖ во таа задача ќе тргне и без својот најдобар поединец, Нејмар, кој се повреди против Марсеј и ќе мора на операција.
Сепак, ПСЖ и без Нејмар има фантастични играчи со кои може да тргне кон голот на Реал Мадрид и да се бори за пласман меѓу осумте најдобри.
Реал Мадрид има лоша сезона во Шпанија, но Лигата на шампионите е натпреварување во кое, барем досега, Реал не потфрли и во добро расположение ќе оди во Париз, каде се надева дека ќе успее да ја одбрани предноста од два гола.
Покрај Нејмар, за овој натпревар во редовите на ПСЖ под знак прашалник е и Пасторе, додека кај Реал сите играчи ќе бидат на располагање, откако беше потврдено дека Лука Модриќ и Тони Крос ги одработиле синоќашните тренинзи во Париз.
Порто гостува кај Ливерпул
За овој натпревар може слободно да се каже дека е тотално неинтересен, откако Ливрепул во Португалија славеше со резултат од 5:0.
Екипата на Јирген Клоп игра се подобро и поефикасно како што сезоната одминува, а тоа се гледа и по резултатите во Премиер лигата, каде Ливерпул се бори за второто место, а силата на тимот од „Енфилд“ ја почувствува и Порто.
Вечерашниот натпревар ќе биде повеќе од ревијален карактер и прашање е со кој вкупен резултат Ливерпул ќе помине понатаму.