
Федералниот суд на САД му нареди на Мартин Шкрели да се откаже од албумот на Wu Tang Clan, кој тој го купи на аукција во 2014 година, уште пред неговата криминална позадина да биде откриена пред јавноста.
Мартин Шкрели беше осуден во август 2017 година за неколку криминални активности меѓу кои и измама на инвеститорите кои вложија пари во неговата компанија за производство на лекови.
Шкрели стана негативец во очите на јавноста кога реши енормно да ги зголеми цените на лекарствата кои ги произведуваше неговата компанија, а кои служеа за лечење од ХИВ. Тој беше прогласен за виновен по 3 точки, а се води постапка против него по уште 5 точки за криминални активности и во моментов тој од зад решетки ја чека крајната пресуда. Иако не е одлучена казната, таа ќе биде позната кога ќе завршат постапките против него, а со сигурност е добие подолга казна затвор.
Сега Федералниот суд на САД му нареди да предаде дел од имотот, односно 7,36 милиони долари од кои поголемиот дел се досадни предмети за кои никој не е заинтересиран, како на пример необјавен албум на раперот Лил Вејн, слика од Пикасо, неколку лични брокерски сметки и слично. Но, она за кое светот беше заинтересиран од почетокот на случајот, необјавениот албум на Wu Tang Clan, наречен „Once Upon a Time in Shaolin“, исто така се најде помеѓу овие предмети.
„Once Upon a Time in Shaolin“ е уникатен албум од кој постои само една копија, чија кутија е обложена со сребро и никел и содржи 174 страни со белешки и текстови од песните кои се рачно зашиени во кожен тефтер. Шкрели го купи овој албум на аукција во 2014 година за 2 милиони американски долари, а членот на Wu Tang Clan, РЗА рече дека тогаш не знаел за криминалните активности на поранешниот извршен директор на неколку компании за лекови.



