Со ѓеврек и јогурт Груевски го напушти Кривичниот суд
По завршување на денешното судско рочиште за случајот Тенк, односно за набавката на мерцедесот од 580.000 евра, обвинетиот екс премиер Никола Груевски не сакаше да даде изјава за новинарите, кусо посочувајќи дека „денеска не би дал изјава“.
Заминувајќи си од судот, тој ги одмина новинарите, но застана кај човекот кој речиси секој ден пред судот продава ѓевреци. Откако Груевски си купи ѓеврек и јогурт си замина.
На денешното рочиште, на кое како по обичај, Груевски влезе последен беа сослушани тројца сведоци, од кои двајца вработени во МВР, а едниот во Ауто Мак Стар. Двајцата сведоци од МВР појаснија само дека во периодот кога бил набавен мерцедесот учествувале во отворањето на тендерската документација, посочувајќи дека имало само една понуда. Други детали за набавката не знаеја, а исто така од голема корист на СЈО не беше ниту сведокот од компанијата која го доби тендерот, бидејќи како што рече, тој само ставил дигитален потпис на тендерската документација, а истата била изготвена од негов колега.
Во судот денеска не се појави четвртиот сведок, кој ќе сведочи на следното рочиште.