Заедничка седница на владите на Македонија и Србија на 21 март

Третата заедничка седница меѓу владите на Република Македонија и Република Србија ќе се одржи на 21 март 2018 година, во Ниш, во Република Србија.

Претседателите на владите, Зоран Заев и Ана Брнабиќ, во Ниш ќе имаат тет-а-тет средба, додека истовремено министрите во владите на двете земји ќе одржат билатерални средби со своите тимови.

Заедничката седница на владите на Република Македонија и на Република Србија ќе се одржи веднаш по средбите на премиерите и министрите. На оваа, трета меѓу владината седница на двете земји, на дневниот ред ќе се најдат теми од одбраната, безбедноста, економијата, трговијата, здравството, образованието, од сферата на трудот и социјалната политика, правдата, заштита на животна средина, културата, како и разговори за заеднички иницијативи во инфраструктурата, иновациите, европските интеграции и младинските политики.

Агендата на заедничката владина седница предвидува свечено потпишување документи за соработка во повеќе области. Во завршницата на овој настан Заев и Брнабиќ ќе одржат заедничка прес-конференција. Тие е планирано да имаат свои обраќања и на Економскиот форум Србија – Македонија што истиот ден го организираат стопанските комори на двете земји, исто така во Ниш.

Треба да знаете
Последни објави