Чоколади без млеко и какао, супите за 4 порции, а со кои може да се подготват едвај 3. Банкарски и договорите за осигурување полни со нечесни клаузули за кои што граѓаните не се ни свесни пред да потпишат.
Ова се само некои од секојдневните примери за нарушување на правата на потрошувачите. Проблем е и квалитетот на производите кој се разликува од другите европски пазари. За да се спречат неправдите се подготвува нов Закон за заштита на потрошувачите.
– Чоколадите за деца на македонскиот пазар воопшто не содржат млеко и какао, иако се така декларирани. Ова го покажуваат лабораториските испитувања. Купуваме супа на која се декларира дека е за четири чинии, а има само три што пак е одраз на нечесна деловна практика, соопшти денеска универзитетскиот професор Јадранка Дабовиќ-Атанасовска пред почетокот на настанот.
Од Организацијата за заштота на потрошувачите велат дека со новиот Закон акцент ќе се стави на заштитата на правата на граѓаните кои купуваат електронски. Онлајн продавниците од земјава треба да нудат можност за враќање на производите во рок од 14 дена.
Новиот закон треба да се усогласи со европските регулативи. Планот е повеќе да се ангажираат судиите но и пазарните инпектори. До мај треба да биде изготвен а кога ќе се донесе зависи од Собранието.