Скопје црпи сообраќајни искуства од Париз
Развојните визии на новата градска администрација и искуствата кои главниот град на Франција може да му ги пренесе на Скопје беа тема на разговор на денешната средба во Париз меѓу заменик-градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски, задолжен за јавниот сообраќај во градот и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Двајцата, како што информираат од Град Скопје, разменија мислења за можноста за воведување на трамвајскиот превоз во Скопје, системи за споделување велосипед и возила (bike-share и car-share), како и искуства во спроведувањето на паркинг политиките во двата града. Најдовски понуди помош во изработката на идните планови и стратегии по овие прашања од Градот Париз.
Шилегов во рамките на официјалната посета на Париз вчера имаше средби со француските стопанственици, а денеска покрај со администрацијата на градот Париз имаше и состанок во Директоратот за Континентална Европа при француското МНР.
– Во Директоратот за Континентална Европа при француското МНР, Шилегов говореше за интензивираната меѓународна активност на Град Скопје и за потребата од зголемена градска дипломатија со главните европски градови, покрај редовната соработка со збратимените. Градоначалникот на Скопје доби признание за неговата активност за затоплувањето на односите со соседите и успешноста на посетата на Атина минатиот месец, соопшти Град Скопје.
Двете страни се согласија дека соработката мора да се засили и дека Скопје и Македонија треба поактивно да се вклучат во активностите на Меѓународната организација на Франкофонијата. На средбата се разговараше за политички, културни и за образовни проекти на тој план.