Рама на Фејсбук: без Албанци нема Македонија

Рама на Фејсбук: без Албанци нема Македонија

„Без Албанците нема Македонија“, порача премиерот на Албанија Еди Рама. Овие зборови на фејсбук профилот, Рама му ги упати на македонскиот претседател Иванов, кој најави дека нема намера да го потпише неуставниот Закон за јазиците.

„Господине Иванов, албанскиот јазик не е јазик на непријателот, туку е јазик на државотворен народ во Македонија. Без Албанците, нема Македонија.“, напиша Рама.

А претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека ќе почека седум дена претседателот Иванов да се премисли и да го потпише Законот за јазици, а потоа ќе ја извести јавноста како ќе постапи. Во синоќешното интервју за Телма не сакаше да открие дали има намера тој да се потпише како втор човек во државата, но уште еднаш потенцираше дека Иванов би го прекршил уставот.

Џафери потенцира дека е најважно што успеал да спречи блокада на Собранието. Доколку не го ставел законот веднаш на изјаснување, за 36 илјади и 500 амандмани ќе се дебатирало најмалку 300 дена по 10 часа на ден, вклучувајќи ги саботите и неделите. Спикерот откри детали од пропаднатите преговори со ВМРО ДПМНЕ. Тој им предложил да ги повлечат 34-те илјади амандмани на казнените одредби и расправа за останатите над две илјади амандмани, но преговарачите не биле сигурни дека со тоа ќе се согласат сите опозициски пратеници.

ВМРО ДПМНЕ останува на ставот дека законот е неуставен, а однесувањето на Џафери заслужува кривична пријава и интерпелација.

Законот за јазиците беше изгласан без амандманска расправа. Истиот ден, претседателот Иванов најави дека по втор пат нема да го потпише указот. Законот влегува во сила по потпишувањето и објавувањето во Службен весник.

Треба да знаете
Последни објави