Роџер Федерер не успеа да ја одбрани титулата од Индијан Велс и да стигне до својот 98. трофеј во кариерата, откако „налета“ на упорниот Аргентинец Хуан Мартин дел Потро, кој го совлада во драматичен меч со 6:4/6:7(8)/7:6(2).
Дел Потро лесно го освои првиот сет со еден брејк, по што во вториот сет имаше една меч-топка, но Швајцарецот се врати во тај-брејкот за да примора трет сет со 10:8. Тај-брејкот беше доста нервозен и двајцата тенисери имаа проблеми со судиските одлуки.
Во третиот сет, се играше поен-за-поен до 4:4, кога Федерер го направи клучниот брејк за да поведе со 5:4 и да добие шанса да сервира за победа. Тој пропушти меч-топка, и Аргентинецот успеа да израмни на 5:5, по што беше јасно дека ќе се игра тај-брејк. Во одлучувачките моменти, Дел Потро направи предност од 5:0, која на крајот ја задржа и ги доби тај-брејкот со 7:2.
За Дел Потро ова е седма победа во 25 дуели со Швајцарецот, но затоа во финалињата тој има 4-2 скор против Швајцарецот, вклучувајќи ги победите на САД опен во 2009 година и победите над Федерер на неговиот домашен турнир Свис Индорс во Базел во 2012 и 2013 година. Со победата, Дел Потро дефинитивно покажа дека на него мора да се смета оваа сезона, посебно на големите турнири.
За Федерер пак, со ова се стави крај на неговиот најдобар почеток на една година, по низата од 17 победи едноподруго. Шанса за нов трофеј ќе има веднаш, кога ќе ја брани титулата од Мајами опен, каде што мора да направи добар резултат за да го одбрани и првото место на АТП листата.