Имаме држава во која рушењето е главна активност, ништо ново не доградија од претходно, ниту пак нешто ново почнаа да градат. Главниот проблем е што не прават ништо.
Не работат. Сликата за Македонија не е розева како што изгледа од удобните фотељи во зградата на „Илинденска“, туку вистинската слика е на терен, меѓу граѓаните кои го живеат секојдневието, истите тие кои владата за само 2 месеци ги задолжи за нови 455 милиони евра или секое домаќинство по нови 1.000 евра, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за НетПрес.
Тој се осврнува на повеќе прашања меѓу кои и контроверзниот закон за јазици за кој вели дека е егзибиција на владата која создава создава поделено општество и слабеење на државата „преку креирање на тензии и дефокусирање на енергијата“.
Во однос на спорот за името Мицкоски смета дека „особено загрижува што непосакувани чекори и тензии како законот за јазици, дополнително ги намалуваат перформансите на државата“ во однос на позициите на Македонија.
На крајот тој најавува дека решението е оваа влада да падне и тоа што побрзо за штетата да биде помала. Мицковски вели дека, пролетва, ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица на масовни демонстрации со поставувања на барања по кои оваа непособна влада мора да си оди.
Во продолжение интервјуто на Мицкоски за НетПрес.
*Најавивте дека од месец мај ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе на протести на улица, дали со тоа не ја загрозувате европската агенда на владата?
Јас поинаку ќе ја поставам тезата. Како да ја спасиме европската агенда која сега е во ќорсокак, донесена таму поради неспособноста на владата. Решението е едноставно. Оваа влада мора да си замине. Владата рече дека ќе ги реализира реформите за 3, 6 и 9 месеци, затоа го нарекоа популистички планот 3-6-9, еве поминаа 10 месеци, ниту до половина не се стигнати. Нудат законски решенија како од минатиот систем, кои наместо да обезбедат правичност, обезбедуваат нефункционалност на институциите. Ние знаеме што треба и ВМРО-ДПМНЕ ќе даде поддршка на реформските закони само затоа што се од интерес на граѓаните. Но, тие закони потоа мора да профункционираат, а каква неспособност гледаме во моментот очекувањата се мали нешто воопшто да профункционира. Европската перспектива на државата не е нешто што се сервира на тацна, таа треба да се одработи, имаа 10 месеци и не направија ништо. Македонија не смее да си дозволи да поминат години, и да тапка во место.
*Законот за јазици е во жижата на вниманието на јавноста. Низ градовите се појавуваат графити со навредлива содржина на етничка основа, коментар за ова?
Неодговорната и неспосбна влада преку насилни и непромислени чекори создава како со нож поделено општество. Таквото поделено општество доведува до уште поголемо раздвојување наместо обединување. До таму не води ваквата реторика со која ВМРО-ДПМНЕ не се согласува и не ја одобрува. Наместо општество за сите имаме поделено општество. Да не гледаме што зборат, да видиме што прават. На сила донесуваат закон за јазици со кој се става прст во очите на соживотот, и потоа веднаш бараат виновници за тензиите, кои по дефиниција се сите други освен тие самите. Треба да си погледнат во сопствениот двор. Само поради тоа што еден политички лидер се договорил и направил коалициски договор со лидер на друга политичка партија имаме ставање на државата под залог. И затоа велам овој закон нема да профункционира и ќе го видите тоа.
И тука би додал уште нешто, ваквите егзибиции на владата создаваат поделено општество и слабеење на државата преку креирање на тензии и дефокусирање на енергијата. Така се слабеат во клучен момент и перформансите на државата не само на внатрешен план туку и на надворешен, и тоа во клучен момент кога во прашање се државните и национални интереси во процесот на изнаоѓање на решение за спорот за името.
*Како го гледате излезот од законот за јазици кој ја бранува јавноста?
Мора да има систем, и системот мора да функционира. Каде води сето ова? Што направија? Отворија пандорина кутија со девијантно однесување. Тоа започна уште кога беа опозиција непочитувајќи закони, а продолжува сега. Затоа што тие наметнаа такви стандарди кои јас нема да ги прифатам, затоа што не се исправни. Ги изместија вредностите за опозиционо делување и воопшто ги уништија вредностите во политиката. Одговорноста во оваа држава мора да има име и презиме. Кога е скршен законот, мора да се одговара, а не да се навлегува во друга неправилност и неправда.
Мора да има систем во оваа држава, и мора да има казни за ова. Мора да има систем на баланс и контрола од граѓаните на ова лудило што го прават. Во спротивно анархијата е природен пат и после тоа сеедно што на Заев ќе му е тешко, на граѓаните ќе им е најтешко.
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за одговорност на лицето Талат Џафери кој ја узурпираше функцијата Претседател на Собранието на Република Македонија. Експертите велат има десетина прекршувања на нормативите, но јас ќе ви набројам неколку. Прво имаме претходен потпис на Талат Џафери дека пратениците може да поднесат амандмани, второ, укажувања од страна на претседателот на државата дека законот е неуставен и истите се игнорирани, трето во постапката за донесување на овој закон неправилно беше употребено европското знаменце заради тоа што не постои европска регулатива за употреба на јазиците. Тој што го предложил законот со европско знаменце, а тоа е владата на Република Македонија, направила прекршување. Четврто, побаравме јавна расправа. Јавна расправа во ова Собрание немаше. Петто, матично тело за разгледување на овој закон е Комисијата за политички систем, не Комисијата за Европски прашања. Дополнително ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава која мора да се процесуира.
*Иванов не го потпишува законот, Заев вели дека со тоа Претседателот го прекршува уставот?
Пазете ова го вели премиерот Заев, кој од Уставот прави решето, само затоа што се договорил и му се ниша коалицијата за да се одржи на власт. Чинот на Иванов не само што не е кукавички, туку тоа е и државнички чекор, и се става во позиција да го чува и штити Уставот. Тоа е негова обврска, исто каква што е и на Зоран Заев кому гледаме дека воопшто не му е гајле за Уставот. Треба да се гледа целосно сликата, а не во нејзините фрагментирани делови.
*Дали сте оптимист за името?
Јас во политиката сум реалист. Ме радува изминативе неколку дена, покрај сите разочарувања со законот за јазици, фактот што Зоран Заев не дава веќе изјави за името. Човекот очигледно слушнал што зборувам цело време. Тоа беше страшно да се гледа како Заев од ден на ден прави некое ново салто мортале и освен што ги загрозува позициите на земјата, ги загрозува и самите преговори. Но, тоа што не дава изјави не значи дека не треба да е транспарентен. Тоа е погрешно. Ние сме се уште без никаква конкретна и суштински информации, освен тоа што го слушаме во јавноста. Што е многу лошо. Јас реков и ќе повторам да не се чуди Заев после ако не се согласиме со некои работи и ако констатираме дека решението не е компромис туку само капитулација. Но, ќе повторам тој ја има одговорноста. Оставаме процесот да тече не сакајќи да оставиме алиби за грчката страна која за жал покажа едно нетолерантно лице, чест на исклучоци, ниту пак алиби на Заев како што тоа беше ВМРО-ДПМНЕ во минатото дежурен виновник за се’. Особено загрижува што ваквите непосакувани чекори и тензии како законот за јазици, дополнително ги намалуваат перформансите на државата.
*Како ќе дејствувате во иднина, што може да се очекува од ВМРО-ДПМНЕ?
Сликата за државата денес е тажна. Имаме киднапирана и срушена држава. Ги киндапираат и узурпираат институциите, законите, уставот… се ставаат над сите процедури во оваа држава, наместо правда по правила, имаме неправда која ја чувствуваат граѓаните. Погледнете како се справуваат со обичен случај на погрешно паркиран автомобил. Се впрегна цел еден механизам да го оправда функционерот од владеачката коалиција. Имаме држава во која рушењето е главна активност, ништо ново не доградија од претходно, ниту пак нешто ново почнаа да градат. Главниот проблем е што не прават ништо. Не работат. Сликата за Македонија не е розева како што изгледа од удобните фотељи во зградата на „Илинденска“, туку вистинската слика е на терен, меѓу граѓаните кои го живеат секојдневието, истите тие кои владата за само 2 месеци ги задолжи за нови 455 милиони евра или секое домаќинство по нови 1.000 евра. И додека ова се случува трошоците за живот растат, а Македонија единствено е прва по нивото на корупција во Европа.
Решението е оваа влада да падне. Што побрзо, со тоа ќе биде и штетата помала. По реорганизацијата и консолидацијата, ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица на масовни демонстрации со поставувања на барања по кои оваа непособна влада мора да си оди. Мора да има избори под услови со кои ќе се гарантира да бидат фер и да се почитува волјата на граѓаните. Во меѓувреме изготвуваме програма, која ќе понуди решенија, а веќе денеска сум на терен меѓу граѓаните.