Малиот Јане конечно ја дочека најубавата можна вест – лекот Спинраза доаѓа во Македонија, откако семејството на деветгодишниот херој и на останатите семејства кои го чекаат лекот во нашата земја добија известување од Владата на Република Македонија.
Имено, она што го вети на средбата со Јане и неговите родители, премиерот Зоран Заев го исполни, па така Јане, кој го посака лекот штом се врати од Манчестер и посетата на Пол Погба, конечно доби најдобар можен подарок.
Го пренесуваме соопштението на СТОП СМА во целост:
„Почитувани СМА семејства, од премиерот Зоран Заев бевме информирани дека тој заедно со неговиот тим составен од Министерот за здравство Венко Филипче, Министерот за финансии Драган Тевдовски и Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, постигнале договор со компанијата – производител, за набавка на лекот Спинраза за третман на лицата со Спинална Мускулна Атрофија во Македонија. Останува во периодот кој следи, правните тимови на Владата и на производителот, согласно законите да го припремат договорот и истиот по официјално потпишување да влезе во имплементација. Би сакале да изразиме огромна јавна благодарност до Премиерот и неговиот тим за разбирањето и заложбите, во име на сите СМА пациенти и семејства во Македонија. Огромна јавна благодарност и до сите наши пријатели, другари, соборци, активисти, граѓани, роднини, сите знајни и незнајни, за придонесот и поддршката во нашата позитивна кампања за добивање на лекот Спинраза.
Со почит, СТОП СМА Македонија“.
Деветгодишниот Јане Велковски боледува од спинална мускулна атрофија и сонува да прооди и да заигра фудбал. Со донесувањето на лекот Спироза во Македонија, сонот ќе му стане стварност.